ПАЉОТО СОБРА ПОТПИСИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК, РОМИТЕ ПРВПАТ СО СОВЕТНИЧКА ЛИСТА, ДЕЛ ОД НЕЗАВИСНАТА ИНИЦИЈАТИВА ВО БИТОЛА ЗА ИЗБОРИТЕ

    ПАЉОТО СОБРА ПОТПИСИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК, РОМИТЕ ПРВПАТ СО СОВЕТНИЧКА ЛИСТА, ДЕЛ ОД НЕЗАВИСНАТА ИНИЦИЈАТИВА ВО БИТОЛА ЗА ИЗБОРИТЕЗоран Лазаровски-Паљо (средина) и долгогодишниот НВО активист Ремзи Медик, член на „Баирска светлина“. (Фото: Фејсбук)

    По вторпат спортскиот работник и бодибилдинг легенда Зоран Лазаровски-Паљо собра доволен број потписи за независен кандидат за градоначалник на Битола на локалните избори на 17 октомври. Тој е единствениот битолчанец кој покажа подготвеност да си ги одмери силите со партиските кандидати на престојните локални избори. Кога во 2012 година се кандидираше првиот пат, не успеа да влезе во вториот круг.

    „Пред самиот себе сакам уште еднаш да се обидам да не ми остане во мисла, не само за ова туку и за многу работи во животот. Сега ќе се обидам по втор пат да видим колку граѓаните се подготвени да гласаат за независен кандидат, исто како што излегов на 58-годишна возраст повторно на натпревар во бодибилдинг и се натпреваував со младите. Така и ова да не ми остане мисла пред самиот себе. Останува народот да одлучи“, рече Лазаровски кој целиот живот го посвети да им помогне на битолчани да го подобарат своето здравје. Приоритет ќе му биде инфраструктурата, туризмот на Пелистер и екологијата.

    Напроти едната независна кандидатура за градоначалник, според Општинската изборна комисија (ОИК) поднесени се три независни листи за советници. Битола за првпат има независна листа предводена од припадник на ромската заедница, долгогодишниот НВО активист Ремзи Медик, член на „Баирска светлина“. Не се памети кога во изминатите 30 години Битола имала Ром советник.

    „Главна цел ќе ми биде населбата Баир како целина, независно од тоа дали Роми или друго население живее таму. Цел свој живот се занимавам со проблематиката на Баир. Ќе се трудам да обезбедам соодветните услови за жителите на таа насеба, вода за пиење, асфалт, вработување на образованиот кадар и зголемуваме на образованието меѓу Ромите“, рече Медик.

    За граѓанската иницијатива „Поинаку“ ова ќе биде втора независна кандидатура со советничка листа предводена од Габриела Илиевска. Велат дека за неколку часа ги собрале потребните потписи за учество на изборите. Пред 4 години успеаја да добијат 3.000 гласови и да добијат 2 советници во општинскиот Совет. Тоа беше првпат во Советот на една општина со над 40.000 жители да влезат двајца независни советници. На „Поинаку“ фокус овојпат им се секојдневните проблеми и потреби на битолчани.

    Третата независна листа ќе ја предводи Ристена Алтипармаковска, досегшната советничка од ДОМ во владечката коалиција во Советот. Таа беше и на листата со кандидати за пратеници од коалиционите партнери на СДСМ. Приоритет ѝ беа зелените политики, а беше меѓу членовите на општинските организации на ДОМ кои неодамна побараа оставка од претсетаделката на партијата, Маја Морачанин. По ова собра доволен број потписи за незвисен настап на престојните локални избори.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира