ПАРКИНГОТ СПРОТИ ГТЦ ЌЕ СЕ НАПЛАЌА ДОДЕКА ДА ПОЧНЕ ДА ГРАДИ ФИРМАТА ШТО ГО КУПИ ЗЕМЈИШТЕТО

    ПАРКИНГОТ СПРОТИ ГТЦ ЌЕ СЕ НАПЛАЌА ДОДЕКА ДА ПОЧНЕ ДА ГРАДИ ФИРМАТА ШТО ГО КУПИ ЗЕМЈИШТЕТОГрад Скопје на седницата која ќе се одржи на 26 декември, ќе им даде дозвола за вршење на дејност паркирање, со цел да се реши хаосот кој се создава откако „МГ Фешн“ го купи земјиштето на кое се наоѓаше паркингот со кој стопанисуваше Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. (Фото: К. Попов)

    Сопственикот на парцелата спроти Градскиот трговски центар (ГТЦ), фирмата „МГ Фешн“ ќе стопанисува со паркингот додека заврши мораториумот и биде утврдено што ќе може да гради на таа локација.

    Град Скопје на седницата која ќе се одржи на 26 декември, ќе им даде дозвола за вршење на дејност паркирање, со цел да се реши хаосот кој се создава откако „МГ Фешн“ го купи земјиштето на кое се наоѓаше паркингот со кој стопанисуваше Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. На паркингот еден месец рампите се кренати и не се наплатува паркирање.

    „Организаторот на паркирањето е должен да ја организира и врши дејноста паркирање во согласност со важечката законска регулатива, стандарди и нормативи кои се однесуваат на оваа дејност и Одлуката за јавните паркиралишта од значење за градот Скопје. Организаторот на паркирањето е должен дејноста да ја врши континуирано, квалитетно и ефикасно, за што е должен да обезбеди соодветни технички, материјални и кадровски услови“, се вели во Одлуката на Град Скопје која треба да ја усвои Советот.

    Државното земјиште на паркингот спроти ГТЦ за 2,9 милиони евра или за 312 евра за метар квадратен, во октомври го купија две фирми, „МГ Фешн“ и ТДГ Обновителите“ сопственост на Македонската православна црква. Пред да го купат земјиштето од државата, фирмата „МГ Фешн“ го откупи парцелите кои со денационализација им беа вратени на приватни сопственици.

    Според Деталниот урбанистички план кој сега е под мораториум и беше донесен на Советот на Општина Центар на 21 јуни 2007, се предвидува максималната висина на објектите да е до 300 метри односно можност да се градат 60-катници. Планот беше донесен по барање на тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ за да може да го реализираат таканаречениот проект „Менхетн“.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ вели дека со новиот ревидиран план на овој простор ќе има згради, но нема да бидат 60-катници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира