Патот од манастирот Свети Пантелејмон до Средно Водно секој викенд е окупиран со коли. Откако Град Скопје воведе наплата на паркингот на Средно Водно со цел да се дестимулираат граѓаните со возила да одат на планината, гужвата се префрли на другата страна.
Освен што патот е блокиран од испаркирани возила, оваа делница се користи и за да се стаса до Средно Водно, па постојано минуваат коли. Пешаците и велосипедистите се жалат дека не можат безбедно да рекреираат и бараат патот кој е дел од планината да се затвори за време на викендите и да биде пешачка зона.
Од Град Скопје велат дека се запознаени со овој проблем, но не можат да го затворат оти станува збор за регионален пат.
„Ја разгледувавме оваа опција кога ги носевме одлуки за намалување на сообраќајот на планината Водно, но поради тоа што е регионален пат тој не може да се затвори. Не можеме да ставиме ниту дрвени огради за да спречиме паркирање како на главниот пат до Средно Водно бидејќи оваа делница е тесна и нема да можат да се разминат две возила. Нашите инспектори ќе вршат контроли и ќе казнуваат за непрописно паркирање“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА