Зградата на „Пелагонија“ во центарот на градот сè уште стои соголена бидејќи Град Скопје не може да се договори со сопственикот за новиот изглед на фасадата.
Со доаѓањето на градоначалничката функција, Шилегов кажа дека „Пелагонија“ нема да биде обновена во барок како што предвидуваше минатото раководство, ги стопираше градежните работи и најави враќање на автентичниот изглед. Оттогаш поминаа две години, но, зградата и понатаму стои соголена, се гледаат цигли и мермер.
„За жал со сопственикот на ’Пелагонија‘ не успеваме да изнајдеме заедничко прифатливо решение за изгледот на објектот. Некаде сме при крај со разговорите за новото идејното решение, по што ќе можеме да влеземе на имплементацијата на овој проект“, рече градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на денешното садење дрвја во дворот на Градежниот и Архитектонскиот факултет.
Шилегов очекува паралелно со градежните работи на „Пелагонија“ да се работи и на фасадата на ЕВН која исто така требаше да биде барокна, но новото раководство го стопираше тој план на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој објект е сопственост на ЕВН и ЕЛЕМ, а не на Град Скопје. Од информациите кои ги имам очекувам многу брзо да биде објавен оглас, со оглед на тоа што ги имаат надминато правните проблеми со изведувачот ’Бетон‘. Во истиот момент кога ќе се прекине договорот за таа, за среќа, неизведена барокна фасада ќе оди јавен конкурс за новата фасада“, рече Шилегов.
Откако Град Скопје за 12,7 милиони евра на јавно наддавање ја продаде барокната Градска куќа на кејот на Вардар на ЕВН, Шилегов вели дека уште немаат донесено одлука каде ќе се пресели администрацијата на Градот.
А. АНТЕВСКА