Ако до крајот на седмицата не ги добијат заостанатите субвенции по грло добиток и премијата за предадено млеко за 2025 година, пелагониските сточари ќе излезат на протести како струмичките земјоделци и со механизација ќе го блокираат граничниот премин Меџитлија. Тие се пожалија дека доцнат субвенциите и за 2026 година.
„Премиерот рече дека со раблансот ќе се исплатат субвенции и дека најмногу пари се дадени досега. Но, јас гледам дека сега моментално имам најмалку пари во џебот. Најголемата поддршка на оваа Влада беа земјоделците, а сега треба да протестираме против нив. Млекото лани од 33 денари откупна цена по литар паднаа на 24. Сега има најава за 22 денари. Едно шише вода од литар и половина е над 30 денари. Кајмакот го јадат млекарниците, граѓаните плаќаат за млеко, а пијат вода“, рече Никола Брсаковски, сточар од пелагониското село Црнобуки.
Од земјоделското здружение „Пелагониско Поле“ бараат итна средба со премиерот Христијан Мицкоски незадоволни од досегашниот однос на првите луѓе на Министерството за земјоделство.
„Жетвата на пченицата заврши, треба да се подготвиме за есенска сеидба. Со кои пари кога откупната цена на житото е ниска од 9 до 10 денари за килограм, а од Владата не ја добивме бараната помош од 5 денари за килограм. Поскапо е сточното брашно, односно пепелта од житото што излегува отколку лебот. Едно ѓеврече е поскапо од килограм жито“, рече Тони Петковски, претседател на „Пелагониско Поле“.
Пелагониските сточари и земјоделци реагираат и на обвинувањата на премиерот Мицкоски при последната посета на Битола на 31 јули 2026, кога изјави дека има злоупотреби во пријавените количини млеко и земјоделски производи и дека ќе има контроли.
„Драго ми е што од оние предизвици што ги имаа сточарите, цената и вишоците млеко, веќе ги немаат, успеавме да ги надминиме. Но, и ние имаме одредени предизвици, пријавени се грла добиток кои за стопати повеќе произведуваат млеко од вообичаено“, рече Мицкоски.
Сточарите тврдат дека тие не можат да прават криминали во пријавено производство.
„Криминалот ќе си го бараат во нивните редови. Не може обичен земјоделец да направи криминал зашто компаниите се тие кои ги запишуваат количините откупеното млеко и земјоделски производи. Ни се плаќа на предадено млеко, колку ќе дадеме, толку ќе земеме, што сме ние виновни“, рече Борче Бучински, сточар од Могила.
Сточарите додадоа дека ваквите состојби негативно се одразуваат врз сточарството преку намален сточен фонд. За пример го посочија село Карамани кое до пред 5 години имаше најмногу грла добиток во Пелагонија над 5 000, а денес нема ниедна крава.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



