ПЕСНИТЕ МУ ДАВАА СИЛА НА АЦО ШОПОВ ДА ИСТРАЕ ВО ЖИВОТОТ, РЕЧЕ НЕГОВАТА СОПРУГА НА 100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО ВО ШТИП

    ПЕСНИТЕ МУ ДАВАА СИЛА НА АЦО ШОПОВ ДА ИСТРАЕ ВО ЖИВОТОТ, РЕЧЕ НЕГОВАТА СОПРУГА НА 100-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО ВО ШТИПСветлана Шопова во беседата во Штип кажа дека им е благодарна на песните на Ацо. (Фото: СДК.МК)

    Светлана Шопова, сопругата на великанот на македонската лирика Ацо Шопов, денеска во неговиот роден град Штип, одржа кратка беседа во чест на 100- годишнината од неговото раѓање. Шопов, истакнат македонски поет, револуционер и општественик е роден во 1923, а почина во 1982. Македонија цела година со повеќе настани го одбележува јубилејот.

    Осумдесет и шестгодишната Шопова пред повеќе години му отвори спомен-соба со неговите најзначајни дела отсликувајќи го со тоа неговиот голем творечки опус. Шопова носталгично зборуваше за заедничкиот живот со сопругот, како голем поет и признат амбасадор и општественик за цело време од неговиот животен пат. Таа откри дека со Ацо се запознале покрај Охридското Езеро додека биле на плажа.

    „Мојата приврзаност кон Штип се роди преку Ацо, но не само преку убави работи, туку и преку неговото многу тешко детство. Тој, како дете со само 9 години, ја чувал својата парализирана мајка сѐ до неговите 19 години, носејќи ѝ секој ден по две кофи термална, лековита вода од Л’џите во Штип за да ѝ го мие болното тело. Но,  тие тешки денови од младоста не му го срушија неговиот дух и неговата љубов кон родниот крај, а подоцна и кон неговото творештво кое всушност му даде нови сили да истрае“,  рече Шопова.

    Таа рече дека им е благодарна на песните на Ацо, особено на неговите четири молитви од кои во последната, како што вели, се чувствува дека нејзе ѝ ја посветил. Шопова кажа дека понатаму грижата за неговото дело ѝ ја предава на ќерката Јасмина Шопова, која живее во Париз. И двете се мошне задоволни што домашната и пошироката јавност во светот посветуваат големо внимание на Ацо Шопов и на неговото дело.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира