ПЕТАР СТАВРЕВ НА 81 ГОДИНА СО ШАМПАЊ СЕ ИСКАЧИ НА ВРВОТ НА ПЕЛИСТЕР И ПРОДОЛЖИ ТРАДИЦИЈА ДОЛГА ТРИ ДЕЦЕНИИ

    ПЕТАР СТАВРЕВ НА 81 ГОДИНА СО ШАМПАЊ СЕ ИСКАЧИ НА ВРВОТ НА ПЕЛИСТЕР И ПРОДОЛЖИ ТРАДИЦИЈА ДОЛГА ТРИ ДЕЦЕНИИСтаврев редовно им носи новогодишен шампањ на вработените во пунктот на МТВ (Фото: СДК.МК)

    Неуморниот битолски планинар, фотограф и новинар Петар Ставрев на 81 година ја продолжи ретката традиција и по 30. пат на 2 јануари со шампањ се искачи на врвот Антена (2.601 мнв) на Пелистер. Шампањот им го однесе на вработените во пунктот на МТВ, кои додека другите слават Нова година, внимаваат телевизискиот сингнал да биде во ред.

    Традицијата ја почна пред три децении, кога како новинар на весникот „Вечер“ и дописник на други медиуми размислувал каква репортажа да направи. Така се сетил дека на највисоката точка на Пелистер има луѓе кои мора да дежураат и работат иако е Нова година. Ова е една од највисоките точки на Балканот каде што има постојано присуство на луѓе.

    „Го избрав 2 јануари зашто во тоа време два дена не се работеше на Нова година. Први се сметаше за семеен празник, а веќе на втори бев на планина. Си реков со што да ги почестам и се сетив на шампањ. Така тоа стана традиција“, раскажува Ставрев.

    Се искачувал и во многу тешки услови, а се случувало и поради лошото време да не успее да стигне до врвот. Во такви случаи авантурата продолжувала во следните денови. Откажување не прифаќал.

    „Еднаш ме фати толку лошо невреме што не можев да ги извадам ракавиците од рацете за да направам фотографија. Кога сум на планина сакам да ги овековечам моментите со фотографии. Откако успеав некако да фотографирам, повеќе од половина час не можав да си ги загреам рацете“, раскажува Ставрев.

    Во последните години, сè повеќе битолчани вториот ден од новата година го минуваат на врвот на планината. Честопати има снег, па доколку ратракот не направил патека, планинарите мора да се пробиваат низ снег од еден-два метра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира