ПЕТГОДИШНО ДЕТЕ ИСКАСАНО ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО, ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ БЕСНИЛО ГО ПРАТИЛЕ ВО СКОПЈЕ

    ПЕТГОДИШНО ДЕТЕ ИСКАСАНО ОД КУЧИЊА СКИТНИЦИ ВО ТЕТОВО, ЗА ВАКЦИНА ПРОТИВ БЕСНИЛО ГО ПРАТИЛЕ ВО СКОПЈЕДетето на главата има три рани, рана околу очите и челото, рана на лицето и гребнатини на повеќе места од телото и нозете. (Фото: Принтскрин од прилог на ТВ 21)

    Вчера, 5-годишно дете било нападнато и искасано од куче скитник, додека си играло пред влезната врата од семејната куќа во Мала Речица. Во тој момент се појавиле неколку кучиња скитници кои без некоја причина го нападнале детето и едно го искасало.

    „Беше 10.30 часот пред портата кога го нападнале цела глутница кучиња. Среќа што соседот успеал да ги избрка некако. Има каснување на цело тело, на око, на увото, на грбот, на раце и нозе, по телото. Не можев да го подигнам од што го болеше секаде“, изјави мајката Валбона Мемети.

    Детето со повеќе рани на главата и телото итно било префрлено во Клиничката болница во Тетово. Во пределот на главата има три рани, рана околу очите и челото, рана на лицето и гребнатини на повеќе места од телото и нозете. Во тетовската Клиничка болница му била укажана прва помош. Раните му биле санирани со повеќе шевови, а бидејќи имало и рани во близината на очите, му бил направен и преглед кај офталмолог.

    „Во болница имаше шиење посебно на око, па кај друг лекар за лице, па друго место за грбот. Прими само една вакцина, а за другата против беснило мора да одиме во Скопје затоа што овде ја нема“ вели мајката.

    Според упатот од Тетовската болница,за да прими вакцина против беснило го упатуваат на Инфективната клиника во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Според добиениот упат од Тетовската болница, како терапија на повреденото дете му дале антитетанус, физиолошки раствор и антибиотик, а за да прими вакцина против беснило го упатуваат на Инфективната клиника во Скопје.

    „Консултиран е инфектолог за антирабиес превенција, по нивна препорака пациентот се упатува на Клиниката за инфективни болести во Скопје“, стои напишано на лекарскиот упат што му бил издаден на детето.

    Родителите биле крајно изненадени зошто во болницата нема вакцина против беснило, па за тоа ќе мора да одат дури до Скопје бидејќи препорака е оваа вакцина да се даде во што е можно покус рок после каснувањето.

    Од Клиничката болница во Тетово го испратија договорот за набавка со кој велат дека потребните вакцини навреме се набавени. (Фото: СДК.МК)

    Побаравме став од Клиничката болница во Тетово зошто една ваква установа, која секојдневно опслужува голем број граѓани од Полошкиот Регион, се довела во состојба да нема вакцина против беснило. Од болницата добивме официјален одговор дека и вакцина и серум против беснило има и дека не знаат зошто не му била дадено на детето. Го испратија и договорот за набавка со кој велат дека потребните вакцини навреме се набавени. Тие го повикуваат семејството во наредните денови, кога треба да се примат уште две дози од вакцината, да не мора да одат во Скопје туку тоа да го направат во Тетово.

    Но родителите, немајќи што да прават и не можејќи да чекаат надлежните од болницата да се усогласат, денеска заминале во Скопје за да ја примат вакцината.

    Сепак, останува нејасно зошто ако имало вакцина против беснило не му била дадена на детето. Таков одговор не можевме да добиеме ниту од Инфективното одделение ниту од Клиничката болница во Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира