Четворица работници и одговорното лице во градежната фирма кој ги ангажирала се осомничени за предизвикување на пожарот кој пред 2 дена изгоре површина од 400 хектари кај Велес близу Езерото Младост, соопшти велешкото Основното јавно обвинителство. Обвинителството побара притвор за одговорното лице и за работникот кој работел со апаратот за брусење во критичниот момент, а за останатите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост.
„Според првичните сознанија, пожарот настанал од искри исфрлени од апарат за брусење. Од искрите се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, па била опожарена и поголема шумска површина. Основното јавно обвинителство Велес иницираше постапка за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 од Кривичниот законик во врска со член 288 (Предизвикување општа опасност)“, соопшти Обвинителството.
По скратена постапка кривично ќе се гони и правното лице – градежната компанија која ги ангажирала осомничените.
Пожарот вкупно зафати 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева, а изгореа и свињарска фарма и една викендичка. Триста луѓе беа вклучени во завчерашното локализирање на големиот пожар. Пожарникари од Велес, Скопје, Штип, Свети Николе, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Гевгелија, десет часови се бореа со огнената стихија. Нив им помогнаа и припадници на Армијата, вработени во ЈП Македонски шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈКП Дервен, велешките ловџии и доброволци.
П. ПЕЧКОВ