ЌЕ ГИ ДЕПОРТИРАМЕ ПИТАЧИТЕ, ДОАЃААТ ВО СТРУГА НА ПЕЧАЛБА И ИМ ПРЕЧАТ НА ТУРИСТИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКО

    ЌЕ ГИ ДЕПОРТИРАМЕ ПИТАЧИТЕ, ДОАЃААТ ВО СТРУГА НА ПЕЧАЛБА И ИМ ПРЕЧАТ НА ТУРИСТИТЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МЕРКОМерко им порача на граѓаните да не им даваат пари на питачите зашто така му одмагаат на градот (Фото: СДК.МК)

    Пред почетокот на летната сезона, Струга е преполна со питачи. И деца и возрасни чекаат милостина од минувачите. Ги има насекаде низ чаршијата, по кафулињата и улиците.

    Градоначалникот Рамиз Мерко признава дека питачењето е голем проблем во градот, но најавува дека ќе го реши. Според него, питачите доаѓаат на печалба од други градови и ја грдат сликата на Струга како туристички центар.

    „Бројот на оние кои доаѓаат тука да питачат е навистина голем. Ги има од речиси целата држава. Ниеден не е од Струга. Доаѓаат организирано од други градови. Мажите собираат старо железо, а жените и децата се на улица и бараат пари. Навистина се досадни за граѓаните кои седнале да пијат кафе, ручаат или да јадат благо или да прошетаат по градот. Сите се вознемирени со оваа ситуација“, вели Мерко.

    Според него, граѓаните кои им даваат пари не помагаат, туку напротив, поттикнуваат бројот на питачи да е сè поголем.

    „Знам дека Стружани се хуманитарни граѓани и сакаат да помагаат, но со ова само одмагаме на градот и развојот на туризмот. Затоа апелирам да не им даваат пари на питачите, бидејќи тие така повеќе се активираат и прават лоша слика за градот“, смета Мерко.

    Мерко најави дека општината веќе работи на справувањето со овој, како што вели, долгогодишен проблем. Питачите ќе се отстрануваат од улиците и ќе се враќаат во нивните места на живеење.

    „Зазедовме став, одредивме и простор каде ќе ги задржиме 24 часа. Секако, децата не смееме по закон, но родителите смееме и ќе ги депортираме од каде што дошле, за да го намалиме бројот на питачи во Струга“, вели Мерко.

    Од охридската полиција потврдуваат дека проблемот со питачењето се зголемува пред и за време на туристичката сезона во Охрид и Струга. Од почетокот на годината, биле извршени десет контроли и биле затекнати десет лица кои питачеле во централното градско подрачје во Струга. Минатата година имало 28 акциски контроли и биле затекнати 30 лица кои питачеле, најголем дел од нив биле од други градови. Казната за лицата кои питачат изнесува од 15 до 50 евра.

    Прекршочни пријави заработиле и станоиздавачите каде питачите престојувале непријавени, сместени и по десет лица во една соба.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира