ПЛАСИРАТЕ ШПЕКУЛАЦИИ, ДЕНЕСКА НЕМАШЕ НЕДОСТАТОК НА АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ АРСОВСКА ИАКО ПОСТОЈКИТЕ БЕА ПРЕПОЛНИ СО ПАТНИЦИ КОИ ЧЕКАА ДОЛГО ВРЕМЕ

    ПЛАСИРАТЕ ШПЕКУЛАЦИИ, ДЕНЕСКА НЕМАШЕ НЕДОСТАТОК НА АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ АРСОВСКА ИАКО ПОСТОЈКИТЕ БЕА ПРЕПОЛНИ СО ПАТНИЦИ КОИ ЧЕКАА ДОЛГО ВРЕМЕАрсовска не гледа своја одговорност во тоа што нема приватни автобуси, туку вели дека тоа е политичка пресметка со неа. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска смета дека денеска во Скопје имало автобуси како и секој ден, граѓаните не чекале, немало гужви на автобуските и во возилата, навремено стигнувале на работа, на лекар или во училиште. Обвини дека тоа што од денеска не возат и автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“ е политичка пресметка и дека Градот немал никаков долг кон приватниците, а во јавноста се шират шпекулации.

    Приватните превозници во Скопје од денеска не возат на градските линии 9,12, 23 и 45, а автобуси ќе нема ни утре. Од „Слобода превоз“ кажаа дека денеска на средбата им било речено оти Градот нема пари да им го подмири долгот од еден милиони евра ниту пари за тековно работење.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша градоначалничката Арсовска како ќе го реши проблемот и што ќе им каже на граѓаните, како утре да стасаат на работа со оглед на тоа дека приватните превозници држат дел од јавниот превоз и ЈСП „Скопје“ нема толку автобуси да ги надомести сите линии и плус да ги одржува нивните. Градоначалничката ни одговори дека сме ширеле шпекулации.

    „Такви шпекулации навистина е непримерно да се пласираат во јавноста. Денеска утрово видовме дека се сообраќа на сите линии односно тој недостатокот беше надоместен од ЈСП“, рече Арсовска.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК утрово регистрираше автобуски станици полни со патници кои долго време чекаат да дојде автобус, а како што ни рекоа, кога ќе дојде нема место да се качат сите патници оти се преполни. Патниците кога ќе влезеа во автобусите неврозно им викаа на шоферите зошто нема автобуси и како да им објаснат на шефовите зошто доцнат на работа. Жителки пак на населбата Шуто Оризари се јавија во редакцијата и ни рекоа дека со недели немаат редовен автобуски превоз и не можат да стасаат на работа во куќите кои ги одржуваат. Велат од таа работа ги прехрануваат семејствата и сега дневниците кои ги земаат мора да ги даваат за такси, кое пак сега е дупло поскапо.

    Од 8 ноември не возат ниту автобуските на превозникот „Макекспрес“. Приватните автобуси во јавниот превоз учествуваат со 200 автобуси, бидејќи ЈСП „Скопје“ нема доволно автобуси да ги покрие сите линии.

    Арсовска кажа дека таа не е виновна за ваквата ситуација туку минатите градоначалници и директори и дека сега двете политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ водат политичка пресметка со неа оти не игра според нивните правила. Рече и дека приватните превозници не го почитуваат договорот со Градот, не вовеле еколошки стандарди, не се чисти и доцнат.

    „Не е точно дека Градот им должи пари, а ако сметаат дека е така си имаат правни лекови и нека си поведат постапка. Денеска им беше понудено доколку сакаат повеќе да не работат со Градот спогодбено да биде раскинат договор. Многу шпекулации има во јавноста и се вршат притисоци од сите страни. Години наназад Владата постојано давала пари на Градот за јавен превиз. Сега не се дава ниту денар, а имаме и економска и енергетска криза. Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ да ги префрлат протестите пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ чиишто директори го генерирале долгот кој сега сакаат да го престават како неуспех на градското раководство.“, кажа Арсовска.

    Таа рече дека ЈСП со реорганизација ќе ги надокнади линиите на кои возат приватниците.

    „ЈСП сега е во многу подобра состојба од она како беше оставено девастирано, а  ќе беше во одлична состојба да не бевме во ваква економска и енергетска криза“, додаде Арсовска.

    На 8 ноември градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози оти Градот му должи пола милион евра и не им плаќа. На 20 октомври Скопје за првпат во историјата остана без јавен превоз, не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

    Колапсот на јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира