Град Скопје привршува со реконструкција на булеварот Никола Карев или познатата Пластичарска улица. Целосно е завршен потегот до крстосницата кај американската амбасада, а до наредниот викенд ќе се постави и завршниот слој асфалт на потегот до касарната Илинден.
Сега Пластичарска улица има по две сообраќајни ленти во двата правци, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило онаму каде што тоа го дозволува просторот. На целиот потег е изведена атмосферска канализација која досега не постоеше. Реконструкцијата чини 2,1 милион евра.
„Викендов екипите на ЈП ‘Улици и патишта‘ ја бележеа хоризонталната сигнализација на потегот до амбасадата на САД. Првата фаза до касарната ‘Илинден‘ ја завршивме како што планиравме до крајот на април. Пролетва ќе почнеме со градежни работи за проширување и реконструкција на сообраќајницата до крстосницата кај ‘Момин поток‘. По завршување на тој дел ќе следува и изградба на кружниот тек кај ‘Хубо маркет‘. Со тоа ќе го решиме метежот во сообраќајот кој се создава во овој дел од градот“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
И покрај пандемијата на КОВИД-19 Град Скопје најави дека и летово ќе се реконструираат десетина улица и булевари низ градот. За да можат градежните фирми и во време на кризата да работат, Град Скопје ќе земе кредит од 12 милиони евра.
А. АНТЕВСКА