Плажите на охридското крајбрежје ќе се уредуваат и издаваат во согласност со препораките на УНЕСКО, ќе се вметнат во урбанистичкиот план и ќе се издаваат под концесија, најави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Издавањето ќе се одвива преку јавно надавање, а идните концесионери ќе бидат обврзани да користат природни материјали кои не прават штета врз животната средина. Според најавите на половина ќе има објекти шанкови, лежалки и други реквизити, а останатите 50 проценти од просторот ќе биде слободен за граѓаните.
„Имaше и јавен повик по однос на тоа како треба да изгледаат меѓутоа суштината е екологијата како број еден и сите оние теми поврзани со заштита на животна средина ќе предвидат изградба на плажите од природни материјали. Откако ќе ја добиеме потребната документација 50 проценти ќе бидат со лежалки, а 50 слободни да може да ги користат граѓаните“, вели Пецаков.
Според него плажите не се дивоградби оти биле градени по елаборати и проекти со дозвола од Министерството за транспорт и врски, но минатата власт не нашла начин да ги издаде под концесија.
„Не станува збор за дивоградби туку станува збор за проект врз основа на кој беа издадени плажите на концесија а претходната локална самоуправа, вклучувајќи ја централната власт од 2017 не најдоа за сходно да ги решат концесионерски“, додава Пецаков.
Градоначалникот на Охрид уверува дека целиот процес ќе заврши до април по што Охрид следната туристичка сезона ќе ги пречека туристите со уредени плажи.
Годинава пред стартот на летото претходниот градоначалник Константин Георгиески отстрани платформи и објекти на плажите „Горица Трета“ и „Лагадин“ а на останатите објекти им беше издадена забрана за работа оти работеле нелегално, без договори за концесија и надвор од сите законски процедури, граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото.
И во Струга се урнаа мал дел од платформите поставени во езерото. Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, иако сметаше дека строго дефинираните правила на УНЕСКО кои предвидуваат забрана за градба и рушење на сè што е бесправно изградено во заштитените зони, се спротивни на развојот на туризмот тогаш рече дека акцијата за отстранување е солидаризирање со Охрид.
„Не сакаме ние да бидеме ‘црна овца‘, се солидаризираме со Охрид за да допринесеме да се приближиме до УНЕСКО, односно да може да се инвестира уште повеќе во овие градови кои се важни не само за државата туку и пошироко. После оваа наша солидарност чекаме од државата и од Комисијата за УНЕСКО да ни даде план за подобар развој. Овде нема дивоградби, а ова што го правиме го правиме доброволно и солидарно“, рече Мерко.
С. ВРЕНЦОВСКА