ПЛОШТАДОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОСЛОБОДИ ОД ВОЗИЛА, ИАКО ВО СИЛА Е ДУП КОЈ ПРЕДВИДУВА ПОДЗЕМЕН ПАРКИНГ ПОД НЕГО

    ПЛОШТАДОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА ЌЕ СЕ ОСЛОБОДИ ОД ВОЗИЛА, ИАКО ВО СИЛА Е ДУП КОЈ ПРЕДВИДУВА ПОДЗЕМЕН ПАРКИНГ ПОД НЕГОСпоред дел од граѓаните, Битола треба да вложи пари во реализација на овој проект зашто не можат сите да пешачат во услови кога нема функционален јавен превоз, а според други, треба да се тргнат колите од центарот. (Фото: СДК.МК)

    Уште е во сила Деталниот урбанистички план од 2012, од времето на ексградоначалникот Владимир Талески, кој предвидува под плоштадот Гоце Делчев во строгиот центар на Битола да има подземна гаража на две нивоа, рекоа експертите на јавниот форум, кој се одржа во Битола. Целта на дискусијата беше граѓаните и стручната фела да предложат идеи како да се среди просторот на плоштадот, што Општина Битола наскоро планира да го ослободи од возила. Плоштадот со години е паркинг, а општинскиот Совет уште во 2019, кога градоначалничка беше Наташа Петровска, донесе одлука за негово претворање во пешачка зона.

    Општина Битола сега поставува семафори кај хотелот „Епинал“ и кај Камен Мост, а за брзо ќе го расчисти плоштадот од возила.

    „Центарот на Битола се ослободува од сообраќајниот метеж, ќе се намалат бучавата и загадувањето. Ова ќе биде место каде што граѓаните ќе можат спокојно да одмораат и да уживаат“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

    Иако дебатата беше за времено уредување на просторот на плоштадот, се разви голема дисусија околу (не)потребата од изградба на подземен паркинг. Според ДУП, на првото ниво е предвидено да има паркинг со дуќани, а на второто, односно најдолу, само паркинг.

    Битолчани се со поделени мислења. Според едни, Битола треба да вложи пари во реализацијата на овој проект зашто не можат сите да пешачат во услови кога нема функционален јавен превоз, а според други, треба да се тргнат колите од центарот.

    За туристичкиот работник Горан Пинза е несфатливо зошто на раздалеченост од 70 метри воздушна линија во урбанистичките планови се предвидени подземен паркинг кај плоштадот Гоце Делчев и катна градажа кај поранешниот ЈАТ. Градоначалникот рече дека ветиле оти кај ЈАТ нема да има катна гаража, туку времен паркинг. Дел до архитектите се противат на паркинг во центарот на градот, макар бил и подземен.

    „Колите треба да се тргнат од централното градско подрачје, тоа треба да ни биде целта, а не да стигнат до Центарот за култура“, рече архитектката Билјана Најдовска.

    Од Општината рекоа дека на овој начин се отвора дискусија и се слуша мислењето на граѓаните како да се уреди дел од строгиот центар на градот. За подземните гаражи кажаа дека сега не се планира нивна реализација. Иако се предвидени во ДУП, за нив 14 години не е направен основен проект.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира