ПО 12.000 ТОНИ ЃУБРЕ СЕ СОБИРА МЕСЕЧНО ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО СКОПЈЕ

    ПО 12.000 ТОНИ ЃУБРЕ СЕ СОБИРА МЕСЕЧНО ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО СКОПЈЕЃубрето секој ден се собира од 6.000 подземни и надземни контејнери поставени низ градот, а два пати во неделата се подигнува отпадот од 90. 000 канти во индивидуалните домаќинства; - Архивска фотографија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од јануари до јуни годинава, ЈП „Комунална хигиена“ од контејнерите и кантите за ѓубре подигнала 74. 578 тони комунален отпад. Месечно од домаќинставата се собира по 12.000 тони ѓубре, кое потоа се носи на депонијата „Дрисла“. Ѓубрето секој ден се собира од 6.000 подземни и надземни контејнери поставени низ градот, а два пати во неделата се подигнува отпадот од 90. 000 канти во индивидуалните домаќинства.

    Од „Комунална хигиена“ велат дека во првите шест месеци од годинава отстранети се 7.081 метри кубни отпад на јавни површини, што претставува зголемување од над 52 проценти во однос на расчистените диви депонии во истиот период минатата година.

    „Вкупно 400 работници секојдневно се ангажирани за рачно чистење и метење на јавните површини, додека централното градско подрачје и поголемите сообраќајници во сите скопски општини се одржуваа и со употреба на специјални комунални возила-метларки“, велат од „Комунална хигиена“.

    Од таму додаваат дека по појавата на пандемијата на КОВИД-19 секојдневно вршат машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на плоштадот Македонија, плоштадот Филип Втори, улицата Македонија, Камениот мост, мостот Гоце Делчев и Старата скопска чаршија.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира