Деветмина полициски службеници, полицајци и инспектори од Полициската станица (ПС) Велес ќе седнат на обвинителната клупа откако против нив е поднесено обвинение за две кривични дела Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 и Неизвршување на судска одлука од член 377 став 5 од Кривичниот законик. За првото дело предвидена е затворска казна од шет месеци до три години, а за второто од една до пет години. Обвинети се дека не постапувале по судските мерки за Илија Стефановски од Скопје пред тој да ја убие поранешната партнерка Росица Коцева и татко ѝ на 15 септември 2025.
Иако биле изречени судски мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, деветте обвинети полициски службеници на ПС Велес не постапувале по итните мерки. Дел од обвинетите преземајќи дејствија по пријава на оштетената, постапувале спротивно на одредбите од Законот за полиција, не го известиле надлежниот јавен обвинител за да добијат понатамошни насоки за постапување, а доказите ги чувале во просториите на Одделението за општ криминалитет при Одделот за криминалистичка полиција Велес, без да поведат никаква постапка.
Внатрешната контрола на МВР пријави 11 полицајци, кои биле и парично казнети, а истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) покажала дека деветмина сториле кривично дело, за двајца немало докази. Ова е резултат на 13-месечната истрага на ОЈО ГОКК.
- РОСИЦА ОД ВЕЛЕС БИЛА УБИЕНА ПРЕД МОМЧЕТО, СО МЕСЕЦИ ПРИЈАВУВАЛА ДЕКА ПОРАНЕШНОТО МОМЧЕ ИЛИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА, А ЈА ЗАПАЛИЛ И КОЛАТА НА ТАТКО Ѝ
- ПРЕСУДАТА СО ЗАБРАНА ЗА НАПУШТАЊЕ НА СКОПЈЕ И ПРИБЛИЖУВАЊЕ ДО РОСИЦА СТИГНАЛА ДЕН ОТКАКО ИЛИЈА ЈА УБИ НЕА И ТАТКО Ѝ
„По преземени опсежни истражни дејствија со кои утврди дека обвинетите, во временскиот период од 21.02.2025 до 15.09.2025 година, со неизвршување на својата службена должност потешко го повредиле правата на оштетената сега почината Росица Коцева, повредувајќи го нејзиното уставно загарантираното право на живот, како и правата предвидени со чл.2 и чл.3 од Европската конвенција за човекови права. Тие не постапувале соодветно по пријавите на оштетената за семејно насилство, непочитувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Правилникот за начинот за процена на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите од нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, Правилникот за вршење на полициските работи и Законот за полиција“, соопшти ОЈО ГОКК.
На 15 септември 2025 година поранешниот партнер Илија Стефановски од Скопје ја уби Росица Коцева во нејзиниот семеен дом околу 15,30ч, откако претходно утрото го уби и татко и Киро, повеќе часови седел во домот и ја чекал поранешната девојка, а потоа се самоубил.
Пролетта 2025, Стефановски сторил две кривични дела над Росица, Загрозување на сигурноста при вршење семејно насилство од 20 февруари и насилство од ноќта на 3-4 март за што од Основнот суд Велес добива условна затворска казна. На 18 мај Росица во СВР Велес пријавила дека на неколку локации во Велес има испишани графити со навредливи и заканувачки содржини каде со име е пишана таа, истиот ден бил украден автомобилот на татко ѝ и опожарен, на 19 јуни на влезна врата од продажен објект било најдено залепено УСБ, каде имало слики и видеозаписи со експлицитна содржина од неа и Стефановски. На 21 мај 2025 Коцева го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом ѝ го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.
П. ПЕЧКОВ



