ПО 30 ГОДИНИ НАЈАВИ, ОХРИД КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ КАТНА ГАРАЖА СО ПАРИ ОД ВТОРИОТ ВЛАДИН ПОВИК ЗА ПОМОШ НА ОПШТИНИТЕ

    ПО 30 ГОДИНИ НАЈАВИ, ОХРИД КОНЕЧНО ЌЕ ДОБИЕ КАТНА ГАРАЖА СО ПАРИ ОД ВТОРИОТ ВЛАДИН ПОВИК ЗА ПОМОШ НА ОПШТИНИТЕГрадежните активности ќе започнат на почетокот на летото, а рокот на градба е една година. (Фото: СДК.МК)

    Охрид конечно ќе добие катна гаража, по тридецениски најави. За овој проект Општината аплицираше на вториот повик на Владата за добивање на финансиски средства за инфраструктурни проекти.

    За изградбата на катната гаража ќе бидат потребни околу 165 милиони денари (2,7 милиони евра). Објектот се предвидува да биде во централното градско подрачје. Градежните активности ќе започнат на почетокот на летото, а рокот на градба е една година.

    „Како и во првиот повик и овојпат ќе се фокусираме на инвестиции кои ќе придонесат за подобарување на квалитетот на живеење во целата општина. Тоа значи осовременување на сообраќајната и комуналната инфраструктура во приоритетните зони на урбаните и руралните населби. Посебен фокус е ставен на решавање на проблемот со паркирање во градот и проектот за изградба на катна гаража. Локацијата предвидена за катна гаража е на просторот кој сега ЈП ‘Градски пазар’ го користи за паркинг. Катната гаража ќе биде со доволен број на паркинг места и значително ќе доведе до намалување на сообраќајниот метеж особено во летниот период“, вели градоначалникот Кирил Пецаков.

    Охриѓани се жалат дека во летниот период нема каде да ги остават своите автомобили, а нервоза има и кај гостите кои доаѓаат на одмор.

    „Налето не може да се најде паркинг место, голем проблем е. Се градат уште згради, а и сѐ повеќе има апартмани кои се издаваат налето и има потреба од паркинг места. Изградбата на катна гаража е едно од можните решенија за овој проблем“, велат граѓаните.

    Моментално градот располага со шесттотини слободни паркинг места, додека во летниот период се обезбедуваат дополнителни 200-300 слободни паркинг места со издавање на просторот кај поранешниот полигон за мали спортови, но во шпицот на сезоната треба многу повеќе.

    На првиот повик за финанасирање на инфраструктурни проекти на Владата, Општина Охрид доби поддршка за сите 10 проекти со кои аплицираше.

    Пецаков најави реализирање и на други проекти во наредните 12 месеци покрај катната гаража, како пречистителна станица во Трпејца, изградба на ново училиште, градинка и други. Најголемиот проект е новото водоснабдување на Охрид од Плакенска Планина, за кој се потребни осум милиони евра. Тој ќе го снабдува градот на територија од 60 проценти по гравитациски пат, без пумпи и без трошење електрична енергија. Првата фаза од овој проект ќе почне во февруари следната година кога ќе биде објавен тендерот, а според Пецаков, реализацијата би била не повеќе од три години.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира