ПО 300 БИЛЕТИ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ СЕ ПРОДАВААТ ДНЕВНО ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“

    ПО 300 БИЛЕТИ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ СЕ ПРОДАВААТ ДНЕВНО ВО АВТОБУСИТЕ НА ЈСП „СКОПЈЕ“Од март лани до сега за 60 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз во Скопје.(Фото:СДК.МК)

    Вкупно 105.000 билети за едно возење се продадени во автобусите на ЈСП „Скопје“ изминатава година. Билетот за едно возење беше пуштен во продaжба во февруари лани, што значи дека во просек дневно 300 патници се возеле во јавниот превоз со оваа карта која чини 50 денари.

    Од јавното сообраќајно претпријатие велат дека неочекувано има голем интерес за билетот за едно возење и покрај тоа што поради пандемијата на ковид-19 е многу намален бројот на патници во автобусите.

    „Големиот интерес кој изминатава година го имавме за овој тип на билет покажа дека тој бил неопходен. Со ова картичка се олесни користењето на јавниот превоз за лицата кои ретко се возат со автобус, граѓаните кои доаѓаат од другите градови да завршат некоја работа во Скопје или пак туристи бидејќи немаат картичка ‘Скопска‘. Патниците повеќе немаат ниту оправдувања дека не платиле карта оти не работеле билетари или не стасале да ја наподолнат картичката“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Јавното сообраќајно претпријатие од почетокот на пандемијата на ковид-19 работи со загуби поради намалениот број на патници во автобусите. Од март лани до сега за 60 отсто е намален бројот на патници во јавниот превоз во Скопје. Од март до декември во автобусите на ЈСП „Скопје“ и на приватните превозници се возеле 19.060.648 патници, а истиот период лани бројот бил 48.522.769.

    Поради загубите претпријатието доби помош од 2 милиони евра од Владата, со кои делумно беше покриен минусот бидејќи загубите во работењето се околу 4 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира