ПО 40 ГОДИНИ, ПАТОТ ДО ЗАШТИТЕНОТО СЕЛО МАЛОВИШТА ДОБИВА НОВ АСФАЛТ

    ПО 40 ГОДИНИ, ПАТОТ ДО ЗАШТИТЕНОТО СЕЛО МАЛОВИШТА ДОБИВА НОВ АСФАЛТВо реконструкцијата ќе бидат вложени околу 20 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    По четири децении, патот за Маловишта, единственото село во рамките на Националниот парк Пелистер кое е прогласено за заштитена споменичка рурална целина, ќе добие нов асфалт. Се реконструираат четири километри од патниот правец Кажани-Маловишта, кој со години беше во очајна состојба, тесен и со дупки.

    „По 40 години, патот се реконструира. Во овие последни години додека се правеа хидроцентралите патот ни го направија катастрофа и не можевме ни за селото да одиме безбедно. Нашето село е прочуено по убава црква и манастир, доаѓаат туристи од секаде и постојано се чудеа што е со патот. Патот беше широк три метри, а сега ќе биде четири метри, со банкини од 50 сантиметри, па ќе можат да се разминат две возила”, рече Јован Нашовски од Маловишта.

    Во реконструкцијата ќе бидат вложени 16,3 милиони денари преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и 2,3 милиони денари од Општина Битола.

    „По 40 години, за првпат се врши интервенција на овој патен правец кој беше оставен на немилост на времето. Во Битола преку Програмата за рурален развој се активни шест проекти со вкупна поддршка од Агенцијата и Владата од 42 милиони денари”, рече Никола Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството.

    Градоначалничката Наташа Петровска рече дека Општината не е само градското јадро и дека ќе продолжат со поддршката на руралните средини за да има рамномерен регионален развој.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира