ШУМА СО БОЈА НА ХРИЗОЛИТ ГО ЧУВА МАНАСТИРОТ „СВЕТА АНА“ ВО МАЛОВИШТА

    ШУМА СО БОЈА НА ХРИЗОЛИТ ГО ЧУВА МАНАСТИРОТ „СВЕТА АНА“ ВО МАЛОВИШТАБуковата шума околу манастирот „Света Ана“ над пелистерското село Маловишта има специфична зелена боја како полускапоцениот камен хризолит (Фото: СДК.МК)

    Со интензивна зелeна боја, во нијанси приближнo на полускапоцениот камен хризолит, обоена е буковата шума околу манастирот „Света Ана“ над пелистерското село Маловишта. Манастирот, кој бил изграден пред 82 години, а постојат податоци дека храм имало и во 18 век, најчесто збира гости за славата на седми август. Напролет бидејќи патот е каллив, ретки се намерниците што се искачуваат по пелистерските падини за да дојдат до „Света Ана“. Но, оние кои во ова доба се впуштаат во ваква авантура и минуваат пеш по многу стрмен пат, не можат да ја заборават убавината на теренот, посебно зелената боја на шумата.

    Манстирот, кој бил изграден пред 82 години, а постојат податоци дека храм имало и во 18 век, најчесто збира гости за славата на седми август. (Фото: СДК.МК)

    „Ова е неверојатно, цел живот планинарам, но оваа зелена боја е магична. Шумата е толку густа што не ви дава видик понатаму. Тука се спојуваат пролетта со есента. Додека дрвјата пролетно зеленеат, патот е прекриен со лисја изпаѓани од есента. Во селото е сончево, а шумата е во сенка од букови стебла. Во Маловишта е топло, а на манастир свежо зашто е подигнат на 1.410 метри надморска височина. Ова е Пелистер и не само моликата, туку и буката знае да биде чудесна“, коментира планинарот Никола Митревски.

    Манастирот е оддалечен од селото Маловишта два и пол километри. Се стигнува единствено по стрмен планински пат. (Фото: СДК.МК)

    Манастирот е оддалечен од селото Маловишта два и пол километри. Се стигнува единствено по стрмен планински пат. Тука никакво влијание нема извршено цивилизацијата, па патот е оставен онака како што го обликувала природата со децении. Од страните висок, а на средина вдлабнат. Минувачите мора да внимаат каде се движат зашто прекриен е со дебел слој листови и не можат точно да видат дали газат на земја, камен или корен од дрво. Местото изобилува со изворчиња, осојничаво е па во овој период од годината знае да биде доста калливо. Сепак, сè заедно дава несекојдневно уживање во боите на природата, звуците на птиците и чистиот пелистерски воздух. Во оваа густа шума која е дел од Националниот парк Пелистер нема ни грам од штетените ПМ10, и ПМ2,5 честички или уште помала ситна прашина.

    По напорната патека, манастирот е место за починка, засолниште доколку има невреме и секако за молитва на верниците. Има многу легенди за неговата чудотворна моќ. Некои веруваат дека дава пород, а други со ноже делкаат од кората на старото стебло вградено во храмот и ја носат дома со надеж дека ќе им донесе среќа во семејството, а трети пијат од изворот верувајќи дека е лековит.

    По напорната патека, манастирот е место за починка, засолниште доколку има невреме и секако за молитва на верниците. Има многу легенди за неговата чудотворна моќ. (Фото: СДК.МК)

    Местото изобилува со спокој, а манастирот со икони, дел изработени во 1930-те години. Има и постари на кои им е потребна реставрација.

    Местото изобилува со спокој, а манастирот со икони, дел изработени во 1930-те години. Има и постари на кои им е потребна реставрација. (Фото: СДК.МК)

    „Света Ана“ е опколена и со други храмови, како што е црквичката „Свети Спас“ високо во планината под врвот Пирамида на 2.000 метри надморска височина. Оние кои сакаат да останат и да уживаат подолго во овој крај, каде секое годишно време има своја убавина, може да преноќат во конаците. Има трепезарија и топло огниште, зашто тука вечерите и преку лето се свежи. Другиот ден, можности за прошетки има многу, една од обележаните патеки води за Копанки, каде пеш се стигнува за неполни две часа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари