ВЛАШКОТО МИ Е НАЈСИЛНО, ВЕЛИ ВИМБЛДОНСКАТА ШАМПИОНКА СИМОНА ХАЛЕП, МАКЕДОНСКА ВЛАИНКА ОД БИТОЛСКО МАЛОВИШТА

    ВЛАШКОТО МИ Е НАЈСИЛНО, ВЕЛИ ВИМБЛДОНСКАТА ШАМПИОНКА СИМОНА ХАЛЕП, МАКЕДОНСКА ВЛАИНКА ОД БИТОЛСКО МАЛОВИШТА„Власите во Романија се најмоќните жители со потекло од Македонија. Силни се и почитувани од целата наша заедница. Не затоа што се богати, туку затоа што ги почитуваат и ги задржале традициите на македонските Власи и никогаш не отстапиле од нив. Влашкото ми е најсилното“, кажа тениската шампионка Симона Халеп; - Со првата титула од Вимблдон (Фото: ЕПА)

    Вимблдонската шампионка во тенис Симона Халеп од Романија е Влаинка со потекло од Македонија, чии предци емигрирале од битолското село Маловишта. 27-годишната Халеп, која вчера ја освои својата прва титула на Вимблдон откако за помалку од еден час ја победи Серена Вилијамс во финалето, е истакната членка на влашката заедница во Романија која брои околу 200.000 жители.

    Власите од Македонија и Грција масовно почнале да се селат во Романија  во дваесеттите години од минатиот век. Романија тогаш имала силен економски развој. Преселувањето продолжило и по  Втората светска војна во периодот 1946-1948. Градот Констанца на брегот на Црно Море од каде што е Халеп, е еден од најголемите влашки центри во земјата.

    Македонскиот графички дизајнер Зоран Кардула, инаку Влав од Крушево, вчера дизјанираше илустрација во чест на победата на Симона Халеп на Вимблдон и ја објави на Фејсбук. Халеп ја лајкна илустрацијата на Кардула. (Фото: Илустрација на Зоран Кардула)

    Во Романија Власите се викаат Македонски Аромани.

    „Тие се најмоќните жители со потекло од Македонија. Силни се и почитувани од целата наша заедница. Не затоа што се богати, туку затоа што ги почитуваат и ги задржале традициите на македонските Власи и никогаш не отстапиле од нив. Влашкото ми е најсилното“, кажа тениската шампионка Халеп во едно интервју за романскиот спортски портал СПОРТС.РО.

    Според нејзин пријател што го цитира порталот, влашките врски на Халеп се толку силни, што таа ќе ја следи семејната традиција и ќе се омажи за Влав, а не за Романец или за некого од друг дел на светот.

    Според проценките, на Балканот во Македонија, Грција, Албанија, Србија и Бугарија живеат од 1.5 до 2 милиони Власи. Во Македонија Власите се малцинство со рамноправни права со мнозинската заедница, а македонските влашки центри се Крушево, Битола, Штип, Кочани, Струга и регионите околу овие градови.

    Халеп стигна до титулата во Вимблдон со само еден загубен сет на целиот турнир.

    „Ова беше мојот најдобар меч. Мајка ми отсекогаш сонувала за ова. Тој ден дојде и таа беше тука“, рече Халеп која лани славеше и на Ролан Гарос.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари