ПО ДЕСЕТ ГОДИНИ, ВРАТЕНИ СТИПЕНДИИТЕ ЗА ПОСТДИПЛОМЦИ, ПО 9 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ЗА 50 ЛИЦА, РЕЧЕ ЦАРОВСКА

    ПО ДЕСЕТ ГОДИНИ, ВРАТЕНИ СТИПЕНДИИТЕ ЗА ПОСТДИПЛОМЦИ, ПО 9 ИЛЈАДИ ДЕНАРИ ЗА 50 ЛИЦА, РЕЧЕ ЦАРОВСКАЦаровска на денешната средба со студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“  во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Барањата кои студентите ги имаа пред една година ќе ги прифатиме за престојната студиска година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната средба со студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“  во Штип.

    „Двојно го зголемивме износот на стипендиите за социјалните студенти и сега имаме изедначени стипендии на ниво од 6.050 денари. Прифативме студентите да добијат и субвенциониран оброк па така тие што сакаат субвеницја во износ од 2.400 денари треба да аплицираат до 31 август до кога е првиот рок, но ќе има и други дополнителни рокови за аплицирање, како на пример 5 октомври“, рече Царовска.

    Студентските стипендии се зголемуваат на 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студенти запишани на математика, хемија и физика кои и натаму ќе добиваат по 18.000 денари месечно. Се воведува и стипендирање на втор и трет циклус на студии во државата.

    „За првпат воведуваме стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината. Конкурсите се објавени предвреме за сите да имате доволен период за обезбедување на потребната документација и во соодветните рокови да аплицирате и да го остварите своето право”, рече Царовска.

    Во врска со начинот на наставата, Царовска забележа дека секој универзитет и факултет имаат автономно право како ќе ја организираат наставата во новата студиска година, додека за основците и средношколците и натаму важи неодамнешната одлука за настава со физичко присуство, а ако состојбата со ковид-19 се влоши, подготвено е сценарио за комбинирана настава и во краен случај онлајн настава.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира