ПО ЕДНА ГОДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА ГОТОВА ТЕТОВСКАТА ГЛАВНА УЛИЦА СТРАШО ПИНЏУР

    ПО ЕДНА ГОДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА ГОТОВА ТЕТОВСКАТА ГЛАВНА УЛИЦА СТРАШО ПИНЏУРУлицата е целосно реконструирана, а засадени се и нови дрва откако старите повеќедецениски дрва беа исечени. (Фото: СДК.МК)

    По речиси 11 месеци реконструкција, градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами денеска ја предаде во употреба улицата Страшо Пинџур во Тетово која се наоѓа во центарот на градот и е една од главните градски сообраќајници. Улицата е целосно реконструирана со вградување на подземна и надземна инфраструктура, а засадени се и нови дрва откако старите повеќедецениски дрва кои тука растеа, беа исечени што тогаш предизвика голем револт кај тетовци.

    „Успеавме во рекордно време да го реализираме овој проект кој го наследивме со многу пропусти. Сега се направени сите дополнителни интервенции во подземната инфраструктура и во делот на асфалтирањето на улицата и реконструирањето на тротоарите и зеленилото. Оваа улица е пример како понатаму во Тетово ќе се реализираат проектите. Им честитам на жителите на оваа улица, на бизнисмените кои тука работат и на сите тетовци за оваа улица и со ветување дека во иднина Тетово се почесто ќе промовира вакви проекти со сите стандарди“, изјави градоначалникот Билал Касами.

    Улицата Страшо Пинџур започна да се реконструира минатата година, непосредно пред почетокот на локалните избори, од страна на тогашната градоначалничка Теута Арифи. Тогаш само се отстрани асфалтот, се раскопа улицата и градежните работи сопреа. По доаѓањето на новата општинска власт на чело со Билал Касами работите неколку месеци беа во прекин бидејќи, како што тогаш изјави Касами, во проектот имало многу пропусти, а најмногу во делот на подземната инфраструктура па морало да се направи нов проект. Работите околу изградбата на улицата започнаа пред околу 3 месеци. Оваа улица исто така стана позната во пошироката јавност кога при повторно започнатите градежните работи беа исечени дваесетина повеќедецениски дрва за кои тетовци сметаа дека воопшто не требало да се сечат.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира