Општина Гевгелија бара од Министерството за животна средина да ја поништи издадената дозвола за складирање и третман на отпад на фирмата „Г&O васте солутион“ од Скопје, поради прекршување на Законот за животна средина и низа недоследности во однос на постапката за добивање согласност за работа. Вака одлучи Советот, откако повеќе граѓански организации и фирми поднесоа петиција до Општината по отворањето погон со инсталација на „Г&O васте солутион“ во Гевгелија за складирање и третман на отпад.
Советниците, кои беа на онлајн врска и со директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска, констатираа дека „Г&O васте солутион“ отворила погон за складирање и третман на отпад во населено место што било спротивно на Законот за животна средина и Законот за складирање, третман и преработка на отпад. Како што кажаа советниците, погонот со инсталацијата за третман на отпадот се наоѓа во непосоредна близина на пекари, вински капацитети и преработувачки капацитети. Паралалено, општинските власти за работа на ваков капацитет не дале позитивно мислење.
„Не сме против инвестици во нашата општина, но треба да се почитуваат законите и веќе донесените планови на Општината за управување со отпадот. Како Општина не сме дале позитивно мислење за отворање на ваков капацитет, туку имаме издадено само уверение дека парцелата е во градежен опфат на ДУП број 10 за лесна и незагадувачка индустрија. Паралелно, отворање на ваков капацитет е спротивно на планот за управување со отпадот до 2022“, соопшти Општина Гевглија.
Седницата на Советот на Општина Гевглија произлезе откако 10-тина фирми и граѓански организации доставија петиција до градоначалникот Сашо Поцков за времено стопирање на работата на погонот за складирање и третман на отпадот на „Г&O васте солутион“, но и да се поништи издадената дозвола за работа, откако добиле сознанија дека фирмата не добила потврда од Општината дека ќе работи надвор од населено место.
Од компанијата „Г&O васте солутион“ соопштија дека работат исклучиво на селекција и балирање на пластика, што преставува чист и еколошки процес, при што ги отфрлија обвинувањата на граѓанските организации.
„Нашата компанија не третира отпад, туку работи на рециклирање на пластика којашто понатму се извезува надвор од Македонија. Отворањето на Центарот за рециклирање е направен со сите можни инспекции. Добиено е позитивно мислење и лиценца од Министерството за животна средина. Целиот процес на рециклирање пластика е еколошки и чист. Ниту ја гориме пластиката ниту користеме вода во нашиот процес ниту пак испуштаме било какви емисии во воздухот“, соопштија од „Г&O васте солутион“.
В. ТРАЈКОВ