Униптен е тревникот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола по двата концерта на 1 и 2 август, на балканската ѕвезда Здравко Чолиќ и на светски познатиот диџеј Стив Аоки. Советникот од независната граѓанска иницијатива Поинаку, Иван Чулакоски, објави фотографии на кои се гледа дека е оштетена голема површина трева од спортскиот терен.
„Со штици беше покриено три дена во најжешкото без вода. Шо мислевте? Не мислевте! Едно прајш, 3 расипваш. Пуштете овци сега барем да допасат то шо е останато да не оди фира“, напиша Чулакоски на социјалните мрежи.
Од Општина Битола и Јавното претпријатие „Комуналец“ кое стопанисува со стадионот, соопштија дека во соработка со организаторот на концертите ги презеле сите потребни мерки за враќање на теренот во првобитната состојба.
„Известуваме дека во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Општина Битола, уште следниот ден, после концертите започнавме со репарација и обновување на тревната површина. Ја уверуваме јавноста дека воопшто не постои простор за загриженост, а задолжените служби од претпријатието за одржување на теренот континуирано работат на обновување на тревната површина. Сите прскалки на стадионот се во функција, а обновувањето се одвива согласно планираната динамика и ќе биде завршено во многу краток рок“, соопштија од „Комуналец“.
Стадионот во изминатите години беше подложен на реконструкција и создавање современи услови за одржување и меѓународни спортски натпревари. Северната трибина беше реконструирана до 2023, а санацијата на јужната трибина заврши во 2025, кога стадионот ја помина инспекцијата на УЕФА. Игралиштето било целосно обновено во 2025 од Фудбалската федерација на Македонија со нова дренажа, нов систем за наводнување и комплетно нова тревна подлога.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



