ПО МАРАТОНСКО СУДЕЊЕ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА УБИСТВОТО ВО ОРЕШЕ

    ПО МАРАТОНСКО СУДЕЊЕ ОСЛОБОДИТЕЛНА ПРЕСУДА ЗА УБИСТВОТО ВО ОРЕШЕ„Нема ниту еден доказ дека обвинетите го сториле кривичното дело. Нема доказ дека Петровски го нарачал убиството и нема доказ дека браќата Ѓоргиевски го сториле делото“, рече адвокатот Коста Нојков.(Фото: СДК.МК)

    Ѓоре Петровски како нарачател и браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски како извршители се ослободени од  обвинението дека стојат зад убиството на Лазо Милошески во село Ореше пред 12 години.

    По деветгодишно судење, Судскиот совет од Основен суд  Велес кој го работеше предметот за убиството во село Ореше, одлучи дека обвинетите не се виновни. Ѓоре Петровски како нарачател и браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски како извршители се ослободени од  обвинението дека стојат зад убиството на Лазо Милошески кое се случи на 2 декември 2005 година. Судијката Тања Милева образложувајќи ја пресудата рече дека ниту зад едно прашање поставено од Апелација, по враќањето на претходната пресуда, не е даден одговор.

    „Не добивме одговор дали убиството е по нарачка, дали постоела  омраза и нетрпеливост помеѓу обвинетиот и убиениот, нема паричен проток на пари за надомест за извршеното убиство. Затоа обвинетите се ослободуваат од вина“, рече Милева.

    Судењето за овој предмет трае 9 години и е меѓу најдолгите судски процеси во земјава. Бранителите на обвинетите се задоволни од пресудата.

    „По десетгодишна борба со судските лавиринти, Велешкиот суд по втор пат донесе пресуда како што е оправдана. Нема ниту еден доказ  дека обвинетите го сториле кривичното дело. Нема доказ дека Петровски го нарачал убиството и нема доказ дека браќата Ѓоргиевски го сториле делото“, рече адвокатот Коста Нојков.

    За синот на убиениот, отштетниот Ацо Милошевски судењето не е завршено.

    „Не сум задоволен од пресудата. Имам цеде со докази кое го добив неодамна и ќе го доставам до Обвинителството и Апелација. Има убиен човек, мора да има и виновник. Не е сè завршено“, рече Милошевски.

    Лазо Милошевски (71) беше застрелан  на 2 декември 2005 година, додека тој во неговата куќа подготвувал вечера. Од соседниот двор од триесетина метри растојание околу 20. 40 часот биле истрелани два куршуми, од кои едниот завршил во Милошевски. Тој е пронајден мртов од соселаните следното утро. Според обвинението убиството било извршено заради одмазда  по нарачка на Ѓоре Петровски кој од 1997 година живеел на Флорида, САД. Тој за 20 илјади долари побарал од браќата Георгиевски да го убијат Милошевски, бидејќи во 1995 Петровски бил застрелан во глава но преживеал, а тој сметал дека на него на железничката станица Орешка чука пукал Милошевски. Браќата Георгиевски и убиениот Милошевски биле во роднинска врска.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира