ПО НЕКОЛКУ ГОДИНИ НАЈАВА, ПОЧНА ГАСИФИКАЦИЈАТА НА СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦА

    ПО НЕКОЛКУ ГОДИНИ НАЈАВА, ПОЧНА ГАСИФИКАЦИЈАТА НА СТРУМИЧКАТА БОЛНИЦАБолницата досега беше посочувана како еден од поголемите аерозагадувачи во градот (Фото: СДК.МК)

    Струмичката болница од средина на октомври ќе почне да се грее на гас. По неколку години најави и ветувања, конечно почнаа изградба на котларница и приклучување на овој здравствен комплекс на гасоводната мрежа. Според директорот на ЈП „Струмица гас“, Благој Миловановиќ, на гасоводната мрежа ќе бидат приклучени стариот и новиот дел од болницата, зградата на инфективното одделение, управната зграда и објектот на Здравствен дом Струмица.

    „Во првата фаза нема да биде опфатена само зградата на Центарот за јавно здравје. Сите други објекти од овој комплекс ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа. Очекувам за месец и половина да биде готова котларницата“, кажа Миловановиќ.

    Струмичката болница, која се грееше на нафта, се сметаше за еден од поголемите загадувачи на амбиенталниот воздух, на што реагираа граѓаните. Градоначалникот Коста Јаневски соопшти дека средствата во висина од 6,9 милиони денари биле обезбедени од Владата.

    „Болницата беше посочувана како еден од загадувачите и верувам дека со гасификацијата на овие објекти ќе се подобри амбиентланиот воздух во нашиот град“, кажа Јаневски.

    Струмица десетина години е гасифицирана со гас кој во компресирана форма се увезува од Бугарија. Досега се изградени околу 41 километар секундарна дистрибутивна мрежа, на која се приклучени околу 330 домаќинства и сите локални јавни институции, но не и најголем дел државни, кои и следната грејна сезона ќе се греат на нафта.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира