ПО ТРИ ГОДИНИ ПАУЗА, 150 ЛОВЏИИ ПОЛАГАА ЛОВЕЧКИ ИСПИТ ВО ВЕЛЕС

    ПО ТРИ ГОДИНИ ПАУЗА, 150 ЛОВЏИИ ПОЛАГАА ЛОВЕЧКИ ИСПИТ ВО ВЕЛЕСОд 150 пријавени, 110 беа од велешко и 40 од светиниколско, испито се полага во два дела и пред комисија (Фото: СДК.МК)

    Во редици и групи, 150 потенцијални ловџии чекаа во Велес да го полагаат ловечкиот испит што го организираа Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство со велешкото ловно друштво „Руен“. Интересот беше голем, оти скоро три години немаше полагање.

    Со часови на жешкото сонце, кандидатите чекаа трпеливо да одговараат на прашањата од комисија која се состоеше од претставник на Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство и од „Руен“. Според промените во Законот за ловство донесени лани есента, се полагаше усно, а не електронски.

    „Од 150 пријавени, 110 беа од велешко и 40 од светиниколско. Со ова започнуваат постапка за да добијат ловечка дозвола и станат ловџии. Тие што успешно ќе го минат овој тест, потоа одат на вториот тест за  балистика. Досега полагањето беше електронски а со измените од лани, сега е комисиски, како што беше и пред пет-шест години“, велат од ловното друштво „Руен“.

    Кандидатите полагаа познавање на Законот на ловство, за тоа кои се диви животни, каде живеат, кои штети ги предизвикуваат, кога може да се лови и каде.

    За да може да  полага секој кандидат уплати по илјада денари.  Вториот дел од постапката за станување ловџија, балистиката чини 12 илјади денари, а лекарското уверение е две илјади денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира