ПО ЗАБРАНАТА ОД ВЛАДАТА, ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ МОРА ДА ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФИРМА ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО ЈАВНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ

    ПО ЗАБРАНАТА ОД ВЛАДАТА, ОПШТИНА ТЕТОВО ЌЕ МОРА ДА ЈА ПОНИШТИ ОДЛУКАТА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФИРМА ЗА СТОПАНИСУВАЊЕ СО ЈАВНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕОпштина Тетово бара Владата да ја укине забраната. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово се најде во нови проблеми откако Владата вчера донесе одлука со која на Општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување. На последната седница на Советот на Општина Тетово, која се одржа минатиот петок, советниците, меѓу повеќето други одлуки, донесоа одлука да се формира трговско друштво за производство на електрична енергија, продажба на електрична енергија, стопанисување, поставување и одржување на јавното осветлување во градот на местото на јавното претпријатие со иста дејност кое беше формирано на претходната седница на Советот.
    На ваквите одлуки остро реагираа советниците од опозицијата, обвинувајќи го општинското мнозинство за несериозно работање и непознавање на законските одлуки.

    „Ние бевме против и ќе бидеме против формирање на ова претпријатие. Уште тогаш ви кажавме дека сте на погрешен пат и сега после 1 месец барате поништување на одлуката. Ова е несериозно. Дали ако сега ја усвоиме точката за формирање трговско друштво значи дека после еден месец пак ќе треба да донесеме одлука поништување на оваа одлука? Стручните служби на Општината добро нека ги погледаат законските одредби пред да донесат уште една погрешна одлука. Вака ние испаѓаме смешни пред очите на граѓаните“, ова беа само дел од забелешките на советниците од опозицијата изнесени на последната седница на Советот.

    Но, не само одлуката, погрешно е и името на трговското друштво, бидејќи наместо „Електро Тетова“, под кое име беше усвоено, беше побарано тоа да гласи „Електро Тетово“ со дополнителен превод на албански јазик. Забелешките на опозицијата не беа прифатени и одлуката за формирање на вакво трговско друштво беше донесена со тесно мнозинство.

    Само два дена од донесувањето на оваа одлука, Владата донесе одлука со која се потврдија забелешките на тетовските советници од опозицијата. Од Општина Тетово одлуката на Владата ја оценуваат како политичка и насочена кон општините со кои раководи опозицијата.

    „Општина Тетово е револтирана од одлуката на Владата на Северна Македонија, со која им забранува на Општините да основаат јавни претпријатија за јавно осветлување, со што се ризикува општините и граѓаните да останат во темнина. Оценуваме дека оваа одлука е политичка, со која се оневозможуваат општините кои се предводени од опозицијата да управуваат со јавното осветлување ефикасно и во служба на граѓаните. Со оглед на фактот дека таксата за јавното осветлување што ја плаќаат граѓаните е фиксна, Општините не можат да ги покријат трошоците за струја доколку ги принудат да обезбедат струја на слободниот пазар каде цените се мултиплицираат. Ставот на власта дека Општините ќе го злоупотребуваат формирањето на јавни претпријатија е многу тенденциозен, бидејќи е многу добро познато дека централната власт не само што потфрли со преземените мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, туку со оваа одлука таа исто така се обидува да ги спречи општините да бидат во служба на граѓаните. Апсурдно и спротивно на законот за локална самоуправа е одлуката Општините да немаат право да основаат јавни претпријатија додека моќните олигарси речиси контролираат половина од енергетскиот пазар, затоа бараме од Владата да ја укине оваа незаконска одлука“ се вели во соопштението доставено од Општина Тетово.

    Долгот на Општина Тетово за електрична енергија само за уличното осветлување изнесува 37 милиони денари.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира