ПОЧИНА ДРАГАН ЧУБРИЌ, ДОПИСНИК НА САКАМДАКАЖАМ.МК И ХРОНИЧАР НА ОХРИД

    ПОЧИНА ДРАГАН ЧУБРИЌ, ДОПИСНИК НА САКАМДАКАЖАМ.МК И ХРОНИЧАР НА ОХРИДДраган Чубриќ беше пасиониран авиомоделар и претседател на Аероклубот „Охрид“, а забележани беа неговите хроники и стории за првите авионски летови во Охрид и земјава. (Фото: Фејсбук)

    Драган Чубриќ, дописник на САКАМДАКАЖАМ.МК од Охрид, долгогодишен новинар и хроничар на градот, почина утрово по кусо боледување. Имаше 67 години. Погребот ќе биде утре (недела) во 12 часот на градските гробишта во Охрид.

    Од 2017 Чубриќ беше дел од дописната мрежа на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК, а останува запаметен по извонредните ангажирани текстови за совремието и секојдневието на Охрид, како и за непознатата богата историја на градот. Меѓу другите, тој алармираше за поморот на плашицата во Студенчишкиот канал пред 2 години, а неговите текстови предизвикаа поширока општествена акција и ангажман на институциите за доток на вода и спас на рибите. Како пасиониран авиомоделар и претседател на Аероклубот „Охрид“, забележани беа неговите хроники и стории за првите авионски летови во Охрид и земјава. Запаметени се и неговите репортажи за природните феномени во Охридскиот Регион како и за еколошките проблеми со загадувањето и градежната експанзија.

    Чубриќ дипломирал новинарство во Белград. Имаше плодна и богата новинарска кариера и беше дописник на дневните весници „Нова Македонија“ и „Вест“, во еден период работеше и како уредник во локалната телевизија ТВМ, а беше сопственик и уредник на порталот „ОхридЛајв“. Во својата долгогодишна кариера и објавените безброј текстови, остави белег во охридското и македонското новинарство.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира