Почна со работа новото јавно претпријатие за развој на Општина Аеродром. Како што кажа директорот Владимир Стевков први проекти кои ќе се реализираат се поставување фотоволтаични термални системи во зградите во Аеродром и за управување со органски отпад.
„Станува збор за прво јавно претпријатие од ваков тип во земјава и веќе се избрани членовите на Управниот и Надзорниот одбор. Работиме на нови европски проекти кои набрзо ќе почнат со реализација, а истовремено ги повикуваме заинтересираните компании и граѓани да аплицираат со нови идеи“, вели Стевков.
Со проектот за поставување на фотоволтаици Општината преку субвенции ќе ги стимулира домаќинства да ги поставуваат и како што објаснуваат оттаму за пет години се враќа инвестицијата, а потоа уште 20 години се добива бесплатна енергија. Со проектот за управувањето со органскиот отпад ќе се придонесе за зачувување на здравата животна средина, како и правилно отстранување на отпадот од домаќинствата и фирмите.
„Според статистиката, повеќе од 60 отсто од вкупниот отпад во урбаните средини припаѓаат на т.н. биоотпад. Слична е ситуацијата и во Општина Аеродром. Општината досега со овој тип на отпад се справувала на конзервативен начин, односно со одложување на градска депонија. Преку проектот, биоотпадот не само што нема да загадува и да создава трошоци, туку ќе креира и дополнителна вредност на високонутритивно ѓубриво, кое може да се употребува во земјоделието и хортикултурата“, кажа Наталија Бургиева од „Мама органа“.
А. АНТЕВСКА