ПОЧНА ОБНОВАТА НА СТАРИТЕ ШТИПСКИ КУЌИ КОИ ПРОПАЃААТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

    ПОЧНА ОБНОВАТА НА СТАРИТЕ ШТИПСКИ КУЌИ КОИ ПРОПАЃААТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТПочна обновата на една од десетината стари куќи во центарот на Штип, за кои не се одобруваа дозволи за реставрација оти се заштитети како културно наследство. (Фото: СДК.МК)

    Во Штип денеска почна ревитализација на старите и напуштени куќи во центарот, кои досега не можеа да се обновуваат. За почеток, во фаза е обнова само на една куќа за која е добиено дозвола без која досега сопствениците не можеа ништо да реновираат, а градбите како вредна архитектура се од посебно културно значење и за нив има забрана за каква било обнова.

    Наспроти мислењето на ресорните министерства, сопствениците кои не живеат во нив со децении чекаа ревитализацијата да биде на товар на државата. Дозволи не можеа да добијат и оние сопственици кои беа подготвени за лично вложување. Куќата што почна да се руши е првата која ги добила потребните дозволи и документација за градба.

    „По повеќегодишното барање, конечно добивме зелено светло за обнова на старата куќа. Ревитализацијата ќе значи нова градба, но со внатрешно и надворешно уредување заедно со фасадата и целиот објект да биде во стил на старата архитектура. За тоа повеќе ќе размислуваме подоцна, прво куќата да ја срушиме. Со оглед на тоа што се наоѓа на една од главните централни и мошне фрекфентни улици која сега е затворена за сообраќај, настојуваме што побрзо за неколку часа куќата да се сруши и улицата да биде пуштена“, вели еден од сопствениците.

    Станува збор за десетина стари куќи кои датираат од 18 и 19 век под тврдината Исар и соборниот храм „Свети Никола“ од десната страна на улицата Гоце Делчев. Куќите почнаа да се распаѓаат па со надвиснатите кровови, изгниените греди и штици и дотраените зидови од кал над улицата се постојана опасност по минувачите, а не можеа да се обновуваат зашто беа под заштита на државата како културно наследство.

    Куќата што денеска почна да се руши е позната меѓу штипјани како куќа на Грличкови од фамилијата на познатиот македонски општественик од времето на поранешна Југославија Александар Грличков. Оваа стара и дотраена куќа во изминатите децении сменила неколку сопственици, па според последниот сопственик, куќата меѓу штипјани сега е позната како куќа на Роби и се најавува специфична градба која ќе ја отсликува старата штипска архитектура.

    Сопствениците на останатите куќи велат дека тие не се во можност сами да градат, но сега кога почнало да се издаваат дозволи подготвени се на новиот инвеститор по поволни цени да ги продадат куќите,за да се спречи нивно пропаѓање.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира