Денеска во Струга започна судскиот процес за дислокација на дивата струшка депонија, по тужбата на Македонското здружението на млади правници (МЗМП) против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга поради непреземање мерки за справување со дивата депонија која подолг период постои во градот.
Членовите на МЗМП бараат Основниот суд Струга да ги задолжи тужените да забранат понатамошно депонирање на каков било отпад на дивата депонија, да извршат деконтаминација и рекултиривање на просторот во и околу дивата депонија, да се изготви и реализира софистициран план за селектирање и рециклирање на отпадот на територијата на Општина Струга, како и да се зајакне капацитетот на инспекциските служби од областа на заштита на животната средина.
„Постоењето на една ваква депонија и сега и во иднина, претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето, на животната средина и со тоа предложени се конкретни мерки за дислокација од местото каде се наоѓа“, вели адвокатот Глигорие Ќатоски.
Според него, на годишно ниво во Општина Струга се одлага околу 40.000 тони отпад кој завршува на депонијата која е оддалечена само еден километар од градот, а институциите го игнорираат проблемот цели 15 години.
Од МЗМП велат дека според направеното вештачење, тужените го повредиле правотo на здрава животна средина, правото на живот, правото на почитување на приватниот и семејниот живот на начин што во периодот од 2006 година до 2021 година не презеле соодветни мерки и активности за спречување, превенирање или намалување на штетните последици по човечкиот живот и здравје предизвикани од загадувањето на животната средина.
„Она што ние како страна во оваа постапка очекуваме е фер, транспарентна и објективна постапка пред непристрасен суд. Праксата на Европскиот суд за човекови права и толкувањето на Европската конвенција за човекови права која наоѓа директна примена и во нашиот правен систем е нашиот адут“, вели Ќатоски кој очекува дека ваквата судска пракса во иднина ќе биде применлива и за депонијата во Дрисла, во Буково, во Русино и на сите други илегални депонии во државава.
На денешното прво рочиште, тужените се повикаа на немање активна легитимација за поведување постапка, односно поднесување тужба од МЗМП.
По неколкуте неуспешни кривични пријави против непознат сторител, ова е прва граѓанска тужба за струшката депонија. Следното рочиште е закажано за 25 мај по што ќе се прави увид на самата депонија.
Стружани пред три години, кога неколку месеци намерно се палеше двата депонија и чадот го загадуваше градот, протестираа, па дури и Собранието имаше расправа за овој проблем. Дури и ладата најави дека ќе преземе мерки за 24-часовна заштита на депонијата, но тоа не се оствари и никогаш никој не беше ниту фатен ниту казнет.
С. ВРЕНЦОВСКА