ПОЧНА УВИДОТ ЗА ПОЖАРОТ ВО КУМАНОВСКИОТ СУД, ЕКИПИТЕ СО МАСКИ И СКАФАНДЕРИ ВЛЕГОА ВО ИЗГОРЕНИОТ ПОДРУМ

    ПОЧНА УВИДОТ ЗА ПОЖАРОТ ВО КУМАНОВСКИОТ СУД, ЕКИПИТЕ СО МАСКИ И СКАФАНДЕРИ ВЛЕГОА ВО ИЗГОРЕНИОТ ПОДРУМПоради конфигурацијата на подрумот,најверојатно увидот подолго ќе трае, многу е тесно и ходниците се како лавиринти, вели Обвинителството. (Фото: СДК.МК)

    Откако се создадоа безбедносни услови, утринава започна увидот во Основниот суд во Куманово, кој треба да ги покаже причините за пожарот во која изгоре дел од архивата на судот. Гаранција за безбедноста дала Противпожарната единица Куманово, по што увидната екипа со скафандери и маски влезе во подрумските простории на судот.

    „На терен се балистичарите од Скопје, вешто лице електроинженер за пожари, крим-техника од Скопје и Куманово, јавни обвинители од Скопје и Куманово. Екипите веќе влегоа во подрумските простории, првите снимки и докази од лице место од надворешниот дел се подигнати, сега влегуваат во тесните простории во подрумот. Поради конфигурацијата на подрумот, мислам дека увидот подолго ќе трае, многу е тесно и ходниците се како лавиринти“, кажа претседателката на Основното јавно обвинителство Куманово Теута Бедиу-Рамадани.

    Претседателката на судот Снежана Манев вели дека ги чекаат резултатите од истрагата, за да видат што точно изгорело во подрумот за да се отфрлат шпекулациите кои се пласираа во јавност.

    „Архивата на судот е под целата површина на судската зградата. Со пожарот се зафатени само две простории, од кој период се не се знае, бидејќи сè уште немаме пристап. Далеку од тоа дека сè е изгорено“, изјави Манев.

    На обвинувањата на министерот Кренар Лога дека во Кумановскиот суд имало проблеми во АКМИС системот и архивата, Манев вели дека имаат извештај од Министерството за правда дека сè е во ред со системот, а за состојбата со архивата таа не е виновна, бидејќи откако дошла за претседателка барала пари, но не ѝ биле одобрени.

    „Архивата е од 1950 година. Јас не можам за 6 години да ја средам со двајца вработени. За да почне да се работи треба минимум од 10 до 15 вработени и ќе трае со години. Таа архива е работена по стариот закон, само фрлени предмети без шифри. Од 2018 година откако јас сум дојдена, сите предмети се уредно архивирани и сè е како што треба. Имам документи и дописи каде барам пари за средување на архивата, тоа што не ми одобриле не е моја вина“, кажа Манев.

    Пожарот во Кумановскиот суд изби во вторникот околу еден часот, а причина најверојатно е електричната инсталација.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира