ПОЧНУВА ОДБЛОКИРАЊЕ НА СМЕТКИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА ШТО ДОЛЖАТ 5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ПОЧНУВА ОДБЛОКИРАЊЕ НА СМЕТКИТЕ НА БИТОЛСКИТЕ УЧИЛИШТА ШТО ДОЛЖАТ 5 МИЛИОНИ ЕВРАОд парите што Владата ги пренамени за општините, прифатено е да бидат покриени 51 процент или 2,5 милиони евра од долговите на битолското образование, а вкупниот долг што го пријави битолската локална самоуправа е 5 милиони евра. (Фото: СДК.МК)

    Започнува одблокирање на сметките на битолските училишта. Од парите што Владата ги пренамени за општините, прифатено е да бидат покриени 51 процент или 2,5 милиони евра од долговите на битолското образование, а вкупниот долг што го пријави битолската локална самоуправа е 5 милиони евра. Тие пари се легнати на сметката на Општина Битола и од понеделник ќе бидат префрлени на улилиштата за да ги подмират побарувањата на добавувачите.

    „Со овој процес почнуваме да ги одблокираме училиштата, кои во моментот се осум во основно и две во средно со блокирани сметки. Процесот на одблокирање нема да биде брз за 5 до 10 дена, но одредени училишта ќе бидат одблокирани во следните месец или два и ќе можат нормално да работат. Овој процес ќе овозможи понатаму да нема одново задолжување, односно уличиштата нема пак за две или три години да бидат блокирани“, рече Валентин Груевски, претседател на општинскиот Совет, кој ги усвои одлуките за подмирување на дел од долговите.

    Со ова комплетно ќе се плати долгот за потрошена струја, нафта, како и побарувањата на дел од превозниците. Но, сите превозници не ги пријавиле своите побарувања на јавниот оглас. Оние кои пријавиле ќе ги добијат потребните средства. Со дел од парите ќе се исплатат и долговите што школите ги таложеле со години кон јавните претпријатија, и тоа 11 милиони денари кон „Водовод“, „Нискоградба“ 4 милиони, „Комуналец“ 10 милиони денари.

    „Ваков линч на образованието немало ни во турско, ни во каурско, ниту пак некогаш постоело откако памети македонскиот народ. Училиштата биле блокирани во 2011 година, но, сметки не плаќале од 2008 година. Како тоа сите училишта во исто време во 2008 година одлучиле да не плаќаат сметки? Тоа сигурно била партиска одлука и одлучиле да не плаќаат обврски кон јавните претпријатија. Таквото заедничко делување, нема друг збор освен организиран криминал“, рече Борче Корлевски, советник на СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари