ПОД КОНТРОЛА Е КЛАСТЕРОТ НА ЗАРАЗАТА СО КОВИД-19 ВО ВЕЛЕС, КАЖА ФИЛИПЧЕ 

    ПОД КОНТРОЛА Е КЛАСТЕРОТ НА ЗАРАЗАТА СО КОВИД-19 ВО ВЕЛЕС, КАЖА ФИЛИПЧЕ „Го знаме кластерот и нема неконтролирана трансмисија, не е потенцијално силно жариште оти имаме увид“, рече министреот за здравство Венко Филипче, за зголемувањето на бројот на заразени во Велес кои се вработени во текстилна фабрика или нивни роднини. (Фото: СДК.М)

    Дваесет и четири лица за четири дена се регистрирани како новозаразени со КОВИД-19 во Велес. Повеќето од нив потекнуваат од текстилна фабрика, а има случаи и на нивни блиски од семејствата. На попладневната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека е познат кластерот од каде се шири заразата, но дека таа е под контрола во Велес.

    „Го знаме кластерот и нема неконтролирана трансмисија, не е потенцијално силно жариште оти имаме увид. Денес во Центарот за јавно здравје како поддршка и дополнителна стручна помош се лица од Институтот за јавно здравје до Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за подетално да се направи анализа на овие случаи кои последните денови се евидентирани. Сметам дека според бројот на пациенти, начинот на третман, случувањата во Велес се под контрола“, рече министерот Филипче.

    На новинарското прашање кој е тој кластер, тој побара дополнително да провери во епидемиолошката анкета. Јавноста во градот, пак, ги очекува резултатите од Трудовата инспекција, а по реакциите на вработените кажани во јавноста дека биле принудувани да одат на работа сè додека не ги добијат резултатите од тестовите по земените брисеви, иако се жалеле дека имаат симптоми.

    Во Велес, денес се евидентирани 46 активни случаи позитивни на КОВИД-19, 24 се сместени на Инфективното одделение при Велешката болница, 22 се во домашна изолација, а четири лица се со симптоми и хоспитализирани чекаат резултати од тестирањето.

    Градоначалникот Аце Коцевски на прес-конференција соопшти дека двајца пациенти се на кислородна поддршка во Инфективното одделение во Велес, еден велешанец е подолго време на клиниката во Скопје на респираторна машина, додека еден е во Градската општа болница во Скопје, превентивно заради дијализа, но не бил во лоша здравствена состојба.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира