Градоначалникот Петре Шилегов ќе има советник за меѓуетнички прашања, предвидено е со програмата за нови вработувања на град Скопје.
Од предвидените 75 вработувања, 50 се пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита, а останатите во администрацијата на Градот.
Во Секторот за поддршка на градоначалникот ќе се вработат 8 нови лица, меѓу кои и советник за меѓуетнички односи, позиција која досега ја немало. Претходните градоначалници немале лице кое ги советувало за меѓуетнички прашања.
Во кабинетот на градоначалникот предвидено е вработување на раководител на одделение за односи со јавноста и информации за граѓаните, раководител на сектор за поддршка на градоначалник, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник, раководител на одделение за координација на активностите на градоначалникот, помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалникот,помлад соработник за организација на активностите на градоначалникот и виш соработник за координација на активностите на градоначалникот.
Нови вработувања предвидени се во секторите за образование, општи работи, финансиски прашања, во меѓународна соработка, животната средина и туризам.
Причина за новите вработувања е зголемениот обем на работа на организационата единица, стои во одлуката за годишниот план за вработување во 2018 година која утре ќе биде ставена на гласање на седницата на Советот на Град Скопје.
Покрај административци, годинава ќе се вработат и 50 нови пожарникари во Бригадата за противпожарна заштита. Со години противпожарната бригада има недостаток на пожарникари како и потреба од помлад кадар.
Оваа година предвидено е да заминат во пензија 25 вработени.
А. АНТЕВСКА