Иако голем дел од битолчани не носат маски заради заштита од коронавирусот, досега само на едно лице од Битола му е изречена прекршочна пријава за неносење маска и ќе треба да плати казна од 20 евра. Со топлото време, битолчани ги наполнија парковите, како и клупите низ центарот на градот. Некои носат маски, но побројни се оние кои не ја почитуваат уредбата за носење заштитна опрема. Посебно недициплинирални се младите, кои се групираат по парковите без маски.
„Од дома излегувам со маска, зашто моите родители постојано ме советуваат да се заштитувам, но кога ќе се сретнам со другарките во паркот ја вадам маската. Ни една од нив не носи маска. Доколку ја носите чудно ве гледаат, а некогаш и ве исмејуваат“, вели тинејџерка од Битола која сакаше да остане анонимна.
Заштитни маски претежно носат повозрасните додека се во банки или по маркети, а по излегувањето дел ги симнуваат од лицето дури и тогаш кога се на Широк Сокак каде понекогаш има метеж, па тешко е да се обезбеди потребната дистанца од два метра.
Редовни посетители по парковите се пензионерите. Меѓу нив има битолчани кои дури и пешачат со маска на лицето, а и други кои ни рекоа дека заштитата не е за нив зашто тие „дале-зеле“.
Во дел од маркетите строго се почитуваат правилата и нема влегување со маска. Но, има и такви каде купувачите слободно си влегуваат без заштитна опрема на лицето и не држат дистанца од два метра. Во продавниците честопати може да се чуе како некој од купувачите прекорува друг зашто не е заштитен и не држи дистанца, а овој другиот одговара дека не верува во коронавирустот зашто не познавал никој што е заболен.
Ж. ЗДРАВКОВСКА