ПОЛИЦАЕЦОТ ГО НАМАМИЛ БИТОЛЧАНЕЦОТ ЗА ДА МУ ПРОДАДЕ КОЛА, ПА ГО УБИЛ И МУ УКРАЛ 4.000 ЕВРА

    ПОЛИЦАЕЦОТ ГО НАМАМИЛ БИТОЛЧАНЕЦОТ ЗА ДА МУ ПРОДАДЕ КОЛА, ПА ГО УБИЛ И МУ УКРАЛ 4.000 ЕВРАВо атарот на Беловодица, двајцата излегле надвор од возилото, во еден момент полицаецот го извадил својот службен пиштол кој го носел со себе и испукал четири куршуми кон битолчанецот и го убил; - Од местото на убиството (Фото: СДК.МК)

    Кривична пријава за убиство против полицаецот Е. Т. (24) од Битола поднесе денес прилепската полиција до Основното јавно обвинителство. Тој е осомничен дека вчера во близина на прилепското село Беловодица го убил 36-годишниот битолчанец Б. А. (36).

    Според полицискиот извештај, полицаецот го убил и ограбил битолчанецот, од кого одзел чанта со 4.000 евра, а потоа и го запалил. Полицаецот преку социјалните мрежи вчера се допишувал со повозрасниот битолчанец. Тој вчера околу 12.00 часот го контактирал сега покојниот човек во с. Јеловјане и му понудил да му продаде патничко моторно возило марка „голф 5“, сопственост на лицето Ј. С. од Битола. Двајцата контактирале преку пораки на Фејсбук и се договориле истиот ден околу 14.30 часот Б. А. да го види возилото, кое од пријавениот му било понудено за продажба за сума од 3.600 евра. Откако го виделе возилото, двајцата се упатиле кон село Беловодица, во близина на превојот Плетвар, каде што наводно требало да ги чека сопственикот на возилото.

    Кога стигнале во атарот на Беловодица, двајцата излегле надвор од возилото. Во еден момент, Е. Т. го извадил својот службен пиштол кој го носел со себе и испукал четири куршуми кон  Б. А. и го убил. Потоа, од покојниот одзел една чантичка во која имало 4.000 евра, пари кои му биле предвидени да му ги плати на сопственикот на возилото. Потоа, пријавениот од возилото извадил шише полно со бензин и црна капа која му ја ставил на лицето на покојниот Б. А. и откако го полеал со бензин го запалил. По извршеното кривичното дело, со возилото се упатил во правец кон Битола.

    Полицијата го пронајде и приведе осомничениот битолчанец за убиството, а тој го призна делото. Службениот пиштол со кој пукал му е одземен и ќе биде предмет на балистичко вештачење.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира