Седумнаесетгодишник е приведен под сомнение дека ја откорнал таблата на српскиот Конзулат во Куманово завчеравечер додека траеше прославата на Денот на албанското знаме. Кумановската полиција постапувала по пријава добиена од Амбасадата на Србија во Македонија.
„Полициски службеници од СВР Куманово лишија од слобода 17-годишен малолетник од Куманово, постапувајќи по добиена пријава на 29.11.2024 во 09:05 часот дека е откорната табла од канцеларијата на Конзулатот на Република Србија во Република Северна Македонија, лоциран во Куманово. Веднаш по добиената пријава, во координација со ОЈО Куманово, полициски службеници од СВР Куманово презедоа мерки и активности и го расчистија кривичното дело. Малолетникот е приведен во полициска станица и по документирање на случајот, СВР Куманово ќе поднесе кривична пријава по член 319 од КЗ до ОЈО Куманово“, соопшти МВР.
Машко лице завиткано во албанско знаме завчеравечер ја откорнало таблата со грбот на Република Србија на српскиот Конзулат во Куманово. Амбасадата на Србија најостро го осуди вандалскиот чин и побара што поскоро да биде откриен сторителот на овој насилен чин.
С. НИКОЛИЌ