ПОНУДИВМЕ РЕШЕНИЕ ЗА СООБРАЌАЈОТ ЗА ДА НЕ ЗАПРЕ БИЗНИСОТ И ДА ПРОДОЛЖИ ЖИВОТОТ ВО ВЕЛЕС, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО

    ПОНУДИВМЕ РЕШЕНИЕ ЗА СООБРАЌАЈОТ ЗА ДА НЕ ЗАПРЕ БИЗНИСОТ И ДА ПРОДОЛЖИ ЖИВОТОТ ВО ВЕЛЕС, КАЖА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЛЕВ ПО ЗАТВОРАЊЕТО НА МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛОСе предвидува тешките камиони со носивост над 8 тони да влегуваат во Велес и излегуваат преку регионалниот пат Велес-Градско. (Фото: СДК.МК)

    Затворањето на мостот на Вардар кај Башино Село ќе предизвика зголемување на транспортните трошоци, а со тоа и поголеми расходи во работењето на фирмите во Велес. Ова беше кажано на средбата помеѓу градоначалникот  Марко Колев и службите од локалната власт со стопанствениците од градот.

    „Сообраќајот на тешките возила ќе се одвива од 22 до 6 часот. Баравме до 7, но ни беше речено дека од 7 часот децата почнуваат да одат на училиште и не  е добро камионите да возат низ град“, кажа градоначалникот Колев.

    Со новиот времен сообраќаен режим, кој бил координиран со сообраќајната полиција и со министерот Панче Тошковски кој вчера беше во Велес, се предвидува тешките камиони со носивост над 8 тони да влегуваат во Велес и излегуваат преку регионалниот пат Велес-Градско, кој минува кај компанијата „Агриа“ и реките Тополка и Бабуна. Улиците Страшо Пинџур и Гоце Делчев пак ќе бидат еднонасочни, во правец кон новиот дел на градот, улицата 8 Септември во центарот на Велес повторно ќе биде целосно предвидена за сообраќај, ќе се отстранат чуневите среде улица, кои ја делеа на пешачка зона и зона за автомобили. Улицата Алексо Демниевски- Бауман ќе биде двонасочна и низ неа ќе поминуваат тешките камиони во правец кон индустрискиот дел, додека улицата Благој Ѓорев ќе ја користат за излез од Велес.

    „Ова е решение кое го најдовме како единствено можно за овие 12 часа, откако ја дознавме веста за мостот. Барам од фирмите трпеливост, разбирање и поддршка. Овој сообраќаен времен режим ќе биде пред советниците на вонредна седница, која ја планираме за 8 јануари. Влезот и излезот од Велес е преку регионалниот пат Велес-Градско за да го избегнеме оптоварувањето на двата моста, да не биде дека еден проблем решаваме, а друг создаваме. Камионите во периодот кога нема да можат да возат, ќе бидат паркирани на царинскиот терминал или на стариот царински терминал кај мотел ‘Македонија’. Видете ја големата слика, како да се надмине проблемот. Ова е решението бизнисот да не сопре а градот да функционира. Треба да имаме предвид, ако на мостот се случи човечка жртва, тогаш сѐ што работиме е попусто. Вака ќе функционираме 60 до 90 дена додека се санира постојниот мост или две години ќе сопре животот, колку што е потребно да се изгради нов мост“, додаде Колев.

    Потоа сопствениците ги презентираа бројките на нивните тешки возила кои секојдневно минуваат низ градот, некои со 3-4 камиони, а некои до 60 камиони на ден. Сите тие во овој период, ќе треба да сообраќаат само ноќе. Ќе имаат можност и преку ден да возат во правец од и за Чашка и Извор, Богомила, како што е и досега, но не и низ градот, освен ноќе.

    „Потребни ни се прозори, временски термини преку денот, кога тешките возила би го напуштиле градот, да нема застој во транспортот“, побара Благој Шалев од „Брако“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира