ПОПЛАВЕН ПЛОШТАДОТ ФИЛИП ВТОРИ ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА, СЕ РАСИПАЛА ЧЕШМИЧКА

    ПОПЛАВЕН ПЛОШТАДОТ ФИЛИП ВТОРИ ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА, СЕ РАСИПАЛА ЧЕШМИЧКАОд Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека плоштадот Филип Втори го поплавила чешмичка, но не кажуваат колкави штети се направени на плоштад вреден 11 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Плочникот на плоштадот Филип Втори кај црквата Св. Димитрија во најстрогиот центар на Скопје два дена е под вода. Додека корисници од различни страни на градот се жалат дека немаат вода за пиење, на Филип Втори од плочките извира чиста вода и се разлева по целиот плоштад. Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ велат дека плоштадот го поплавила чешмичка.

    „Дефектот на плоштадот Филип Втори е саниран, се работеше за дефект на чешмичката која е на тој потег. Моментално се работи и на одводот, односно канализацијата“, вели „Водовод“.

    Од јавното претпријатие не кажуваат колкави штети се направени на скапиот плоштад. Неговата изградба, заедно со спомениците чини 11 милиони евра иако првичните најави беа дека за него ќе се потрошат околу 5 милиони евра. Градежната компанија „Бетон“ од Скооје почна да го гради во 2011 година, а градежните работи целосно завршија во 2013 година. Во меѓувреме Општина Центар склучи неколку анекси на првичниот договор со кои сумата потрошена за овој плоштад се искачи на 11 милиони евра.

    Спомениците на Филип Втори и Олимпија со Александар и фонтаните со коњи и лавови поставени на плоштадот Филип Втори се дело на скулпторката Валентина Стефановска. Откако тие беа поставени, Градот му го смени името на плоштадот. Од плоштад Карпошово востание тој беше преименуван во Филип Втори.

    Истовремено со изградбата на плоштадот, почна и надградбата на Министерството за транспорт и врски. Сите досега дадени рокови за завршување на градбата се пробиени. Првиот беше дека зградата треба да биде готова во 2012, но брзо по почетокот рокот беше продолжен оти Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) имаше сериозни забелешки на проектот. На објектот сè уште се работи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира