Пред речиси една година иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ организираше широка граѓанска акција за собирање на отпад од терените на планината фрлен од несовесните посетители. Но од тогаш до сега малку нешто е постигнато оваа наша позната планинска убавица и најголем зимски туристички центар конечно да биде исчистен од купиштата смет што го има насекаде по планината. Затоа екологистите повторно, овој пат по повод „Светскиот ден за заштита на животната средина“, апелираат дека е потребна итна, конкретна акција од страна на сите засегнати за решавање на проблемот со комуналниот отпад на зимско рекреативниот центар на Попова Шапка
„Оваа нашата убавица, Попова Шапка, нуди прекрасни природни убавини, кои, за жал, се затскриени зад купиштата ѓубре коишто го носат потписот како на несовесните граѓани, така и на институциите. Токму затоа бараме редовно чистење на сметот (комунален и друг отпад), поставување на комунална опрема (канти и контејнери за отпадоци), подобрување на сообраќајната инфраструктура и комуналната инфраструктура довршување на започнатите проекти (ски-лифтот шестосед, системот за вештачки снег) и прогласување на Попова Шапка за национален парк. За остварување на ова ние нудиме: помош во мапирање на критичните точки на кои недостасува комунална опрема, активно вклучување во акции кои би ги преземале надлежните, граѓанските организации и ние сами како иницијатива за спас на Шар Планина за подигање на јавната свест меѓу месното население за потребата од совесно однесување кон планината. Доколку надлежните од локалната и централната власт не преземат ништо и се оглушат на овој апел, понатамошните активности секако ќе продолжат со организирање на поголеми протести“ изјави Душко Христов од еколошкото друштво 4×4×4 Балкански Мостови.
Други вакви туристички центри во соседните земји, кои имаат слични природни убавини како Попова Шапка, остваруваат милионски профити од туризмот. За тоа се свесни и угостителите од Попова Шапка, па и тие бараат соодветни акции и решенија за овој децениски проблем.
„Наш најголем проблем како угостители е сметот кој го има насекаде на Попова Шапка, проблеми ни прави и фекалната канализација, нема паркинг простор, еве и шестоседата жичарница веќе три години се работи и никако да заврши нејзината изградба а ние со сето ова губиме многу. На Попова Шапка сè иде во надолна линија и нема никаков показател дека има некаква инвестиција било од Владата било од Општината, или од ЕЛЕМ кој е концесионер на Шапка. Во повеќе наврати сме апелирале нешто да се преземе, но сè се се завршува на обичен муабет а не и на конкретна акција“ вели Жарко Неделковски од хотелот „Тетекс Арена.“
Купиштата смет кои се наоѓаат на патот на самиот влез во Попова Шапка само ја потврдуваат грдата слика за овој наш туристички центар и оправданоста за брза акција и за конечно чистење и заштита на оваа наша планинска убавица.
З. АНДОНОВ