ПОПУШТИ ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА ЦРНА РЕКА, ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈ КОН ГЕВГЕЛИЈА ВО ПРЕКИН, ЕДИНСТВЕНИОТ ВОЗ ОД И КОН БИТОЛА НЕ СООБРАЌА ОТИ СЕ РАСИПА ЛОКОМОТИВАТА

    ПОПУШТИ ЖЕЛЕЗНИЧКИОТ МОСТ НА ЦРНА РЕКА, ТОВАРНИОТ СООБРАЌАЈ КОН ГЕВГЕЛИЈА ВО ПРЕКИН, ЕДИНСТВЕНИОТ ВОЗ ОД И КОН БИТОЛА НЕ СООБРАЌА ОТИ СЕ РАСИПА ЛОКОМОТИВАТАЖелезничкиот мост над Црна Река кај Стоби попушти и во октомври 2018, кога од 2 октомври до 8 ноември, 40 дена не беше во функција. (Фото: СДК.МК)

    Железничкиот патнички сообраќај во земјава е речиси во колапс. Функционира ама со големи тешкотии. Откако утрово беше прекинат неколкудневниот штрајк за неисплатени патни трошоци, единствениот патнички воз за Битола не сообраќа, а од попладнево патничкиот сообраќај кон Гевгелија се одвива комбинирано, со воз и со автобус, поради проблеми со железничкиот мост на реката Црна кај Стоби.

    „Констатирано е нарушување на стабилноста на железничкиот мост над Црна Река, кај локалитетот Стоби. Поради ова, патничките возови од и кон Гевгелија ќе сообраќаат со комбиниран превоз. Од стојалиштето Стоби до станицата Кукуречани патниците ќе бидат префрлени со автобус, а потоа ќе продолжуваат со патнички воз. Што се однесува на возот за Битола кој е еден и оди и се враќа, тој од утрово не сообраќа, бидејќи локомотивата е расипана. Дали ќе тргне утре, задутре или за неколку дена не може да се прецизира“, кажа вработен во раководството на Македонски железници, кој не е официјално овластен за комуникации со јавноста.

    Железничкиот мост над Црна Река кај Стоби попушти и во октомври 2018 година, кога од 2 октомври до 8 ноември, 40 дена не беше во функција.

    Прекинот на сообраќајот на железничкиот мост над Црна ќе биде сериозен финансиски удар за железницата бидејќи не ќе може да функционира товарниот сообраќај, како за Македонија, така и за Србија и Унгарија. Стоката од солунското пристаниште за Средна Европа ќе користи алтернативен железнички превоз преку Бугарија. Со прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура бидејќи од превозот на кинеската стока, со по неколку товарни воза секојдневно од Солун за европските метрополи, ќе се одлее голема девизна заработувачка. Тешкотии ќе има и за превозот на нафтените деривати за македонските увозници, бидејќи тие ќе може да се достават само до Криволак или Неготино.

    Пресметката на раководството на МЖ Инфраструктура пред четири години беше дека секојдневно поради прекинот на товарниот железнички сообраќај губат 28 илјади евра, а загуби бележи и македонското стопанство поради отежнатиот транспорт. Грубата пресметка за тој период, беше дека загубата на двете компании МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт е околу 1,2 милиони евра.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира