ПОРАДИ ЧЕСТИТЕ ОСЦИЛАЦИИ НА НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО РИБИТЕ НИ БЕГААТ ВО АЛБАНИЈА, ВЕЛАТ ЕКОЛОГИСТИТЕ

    ПОРАДИ ЧЕСТИТЕ ОСЦИЛАЦИИ НА НИВОТО НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО РИБИТЕ НИ БЕГААТ ВО АЛБАНИЈА, ВЕЛАТ ЕКОЛОГИСТИТЕФлуктуацијата на нивото на Охридското Езеро, од преполно до испразнето предизвикува драстични негативни промени врз екосистемот. (Фото: СДК.МК)

    Обилните врнежи од дожд изминативе скоро три месеци го зголемија нивото на Охридското Езеро. За една недела езерското ниво е покачено за 2 сантиметри, а од почетокот на јуни за 8 сантиметри.

    Според мерењата во текот на неделава,  на Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,60 м.н.в, што е за 5 сантиметри под просекот за јуни (693,65 м.н.в), односно 50 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в).

    Според еколозите, вакви осцилации се штетни за растителниот и животинскиот свет. Велат дека е добро што врнежите од дожд го покачија водостојот на Езерото, но мора да се изнајде начин за регулирање на нивото на водата.

    Екологистот Лазо Наумоски смета дека најголемото природно езеро не смее да се користи како акумулација за производство на електрична енергија.

    „Да се направат две мини акумулации во Дебрца, една Радомирово, една во селото Годивје и кога ќе се намали нивото на водата на Охридското Езеро преку реката Сатеска да се пушта вода во Охридското Езеро за одржување на нивото на езерото. Мора котата да биде стабилна и да ја сочуваме“, вели Наумоски.

    Охридското Езеро се смета за старо околу три милиони години, флуктуацијата на нивото, од преполно до испразнето предизвикува драстични негативни промени врз екосистемот.

    „Ако е пониско нивото се создава една бучава во Охридското Езеро и целиот рибен фонд кој што се наоѓа во нашиот дел бега во албанскиот дел. Затоа што во албанскиот дел има 23 извори, а во македонскиот дел 17. И кога ќе се соочи со таква бучавост популацијата на пастрмка и сите други риби се вознемируваат. Им треба повеќе кислород и на тој начин ги бркаме таму и затоа повеќе риба има во албанскиот дел на езерото“, вели Наумоски.

    Екологистите сметаат дека влијание врз честите осцилации на водостојот покрај временските прилики има и човечкиот фактор, со регулирање на нивото преку испуштање на водата со отворање на портите кај истекот на реката Црн Дрим во Струга, за потребите за производство на електрична енергија. Бараат итни мерки за заштита на Езерото и одземање на правото на ЕЛЕМ да управува со нивото на Охридското Езеро.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира