ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ВОДОВОДОТ, ШТИПЈАНИ ЦЕЛ ДЕН СЕ СНАБДУВААТ СО ВОДА ОД ПРИРОДНИТЕ ЧЕШМИ И ПРОДАВНИЦИТЕ

    ПОРАДИ ДЕФЕКТ НА ВОДОВОДОТ, ШТИПЈАНИ ЦЕЛ ДЕН СЕ СНАБДУВААТ СО ВОДА ОД ПРИРОДНИТЕ ЧЕШМИ И ПРОДАВНИЦИТЕРаководството на ЈП „Исар“ кажа дека се работи на отстранување на голем дефект (Фото: СДК.МК)

    Во последните неколку години, штипјани се почесто се снабдуваат со техничка вода од чешми, а за пиење од продавници. Така е и денеска, кога во раните утрински часови речиси целиот град остана без вода од градскиот водовод.

    ЈП „Исар“, кое стопанисува и се грижи за водоснабдувањето, утрово на Фејсбук објави информација дека поради дефект на главната водоводна линија речиси целиот град, со исклучок на населбите од левата страна на реката Отиња, ќе немаат вода за пиење.

    Штипјани се разбудија се секнати чешми дома, па се растрчаа по маркетите да обезбедат вода за пиење, а за техничка вода за миење ги запоседнаа природните чешми. Најпрометна е Ридарска чешма во Штипско Ново Село, каде стотици граѓани доаѓаат со своите автомобили за да полнат вода во канти.

    Раководството на ЈП „Исар“ кратко одговори дека се работи на отстранување на голем дефект на главната линија, по што водата ќе биде пуштена. Без вода се населбите Три Чешми, 8 Ноември, Автокоманда, Ново Село и Сењак, дел од централното градско подрачје, една од главните улици Борис Кидрич и населбата Баби, во која се наоѓаат главниот цевковод и филтер станицата во Штип. Вода нема и дел од индустриската зона.

    Градоначалникот Иван Јорданов уште со доаѓањето на функцијата најави дека ќе се спроведе обнова на водоводната мрежа, за што почетна инвестиција ќе биде милион денари, што останаа од самопридонесот на граѓаните пред 40 години за реконструкција токму на водоводната мрежа во Општина Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира