Попладнево модуларната болница за ковид пациенти од Кавадарци ги прими првите случаи, откако претходно беше исполнето Инфективното одделение на Општата Болница. Тоа има капацитет од 60 кревети, кои по големиот број на случаи деновиве се наполни. Заклучно со вчера, во Кавадарци имаше 549 активни случаи, а Неготино 310 и токму во ова одделение се згрижени лица позитивни на ковид-19 од Тиквешијата. Најмладиот пациент кој е згрижен има само 17 години. Модуларната Болница за ковид случаи има 35 кревети.
„Капацитетот на Инфективното одделение денес е максимално исполнет со 60 пациенти. Возраста е од 17 до 84 години. Две третини од пациентите се од Кавадарци а една третина од Неготино. Поради тоа што капацитетот е исполнет, десетина пациенти се префрлени во новата модуларна болница, која на тој начин стартува со работа а чие примопредавање беше пред три дена“, кажа д-р Димче Коцев, директор на Болницата во Кавадарци.
На прашањето дали имаат доволен број здравствен кадар за покривање на зголемениот број на пациенти во болницата, директорот рече дека кадар е обезбеден „по принцип на ротација“ со дежурство на секоја трета вечер. Новата модуларна болница е опремена со централен довод за кислород, донација од Фондација „Никола Јанчев“ со што персоналот нема повеќе сам да ги носи тешките кислородни боци до одделението и пациентите. Министерот Филипче вчера го вброи Кавадарци во петте градови во земјава, каде зголемениот број новозаразени се должи на британскиот сој на вирусот.
П. ПЕЧКОВ