Министерството за животна средина го раскина договорот со француската фирма „НГЕ“ која го градеше колекторски систем за отпадни води на реката Вардар. Договорот е раскинат поради низа проблеми со изведувачот во текот на градбата. Сега колекторите, кои се предуслов за изградба на пречистителната станица во Скопје, ќе ги догради Министерството за животна средина, а пари ќе се обезбедат со буџетот за наредната година.
„Останато е да се постават цевки на уште 900 метри и да се изведат 10 шахти. Имаше многу проблеми во текот на градбата, фирмата бараше дополнителни пари за изведба на градежните работи. Јас нема да дозволам никој да нè уценува. Спорот во наша корист е добиен на меѓународен арбитражен суд и договорот ќе се раскине без да плаќаме никакви пенали. Останат е уште мал дел во населбата Лисиче, кај депонијата Вардариште. Кон почетокот на наредната година ќе го распишеме тендерот за довршување и на овој дел“, вели министерот за животна средина Насер Нуредини.
Изградбата чини околу 10 милиони евра од кои околу 9 милиони евра се обезбедени од фондови на Европската унија, а останатиот дел од буџетот на државата.
„Ова е еден од проектите кој е финансиран од ЕУ и директно влијае на заштитата на животната средина и населението. Проектот предвидува изградба на 8 километри канализациска мрежа од двете страни на Вардар. Со изградбата на овој систем водите во реката Вардар ќе станат чисти и задоволство ми е што преку фондови на ЕУ ќе се реализира еден овој значаен проект во Скопје“, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на почетокот на градежните работи.
По изградбата на колекторскиот систем со него ќе управува Град Скопје односно ЈП „Водовод и канализација“.
А. АНТЕВСКА