ПОРАДИ ВРЗУВАЊЕТО НА  МОМЧЕТО СО АУТИЗАМ ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР 

    ПОРАДИ ВРЗУВАЊЕТО НА  МОМЧЕТО СО АУТИЗАМ ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА ВО ДЕМИР ХИСАР И Народниот правобранител најави дека ќе покрене постапка за случајот иако родителите досега не поднеле претставка. (Фото: СДК.МК)

    Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) денес изврши вонреден инспекциски надзор во Психијатриската болница во Демир Хисар, по известувањето на медиумите дека 17-годишно момче со аутизам било врзувано додека било на опсервација.

    „Јас издадов налог за вонреден надзор по случајот со 17- годишното момче. Ние вршиме надзор врз медицинска документација, немаме надлежност да вршиме надзор врз стручниот дел од работата на лекарите“, рече Рената Младеновска, директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

    Извештајот од увидот треба да биде готов утре.

    И Народниот правобранител најави дека ќе покрене постапка за случајот иако родителите досега не поднеле претставка.

    Мајката на момчето со аутизам, Салка Абдуловска, пред три дена се пожали дека нејзиниот син кој има аутизам бил врзуван со синџири во Болницата во Демир Хисар, каде го имале однесено на опсервација бидејќи пројавил агресивно однесување. Таа рече дека кога го зеле дома имал рани по телото, а и вработени од Болницата ѝ кажале дека користеле методи за да не се повреди себеси или некој друг.

    Од Психијатриската болница во Демир Хисар изјавија дека пациентот е лекуван во таа установа во текот на изминатиот месец. Бил примен на упорно инсистирање на родителите, иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Од таму рекоа дека лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Тие се изведуваа согласно протоколите и дека родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба.

    И министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека било постапувано според протоколи дадени од експерти од психијатрија кои дозволуваат повремено врзување додека се дава терапија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира