ПОСЕБНИ ЛЕНТИ ЗА ПАТНИЦИТЕ ОД ОТВОРЕН БАЛКАН НА ТАБАНОВЦЕ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    ПОСЕБНИ ЛЕНТИ ЗА ПАТНИЦИТЕ ОД ОТВОРЕН БАЛКАН НА ТАБАНОВЦЕ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИПосебните ленти ќе ги користат само патниците од Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата Отворен Балкан. (Фото: СДК.МК)

    На граничниот премин Табановце на македонско-српската граница ќе се отворат посебни ленти коишто ќе ги користат само патниците од Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата Отворен Балкан со цел да се олесни протокот на патници и стоки, најави денеска министерот Оливер Спасовски на преминот.

    „Во рамките на таа иницијатива сè уште се прават анализи каде и на кој начин може да се скрати времето на поминување. Со промена на процедурите коишто се во тек бизнис заедницата ќе има привилегии за побрз премин на границата, а граѓаните ќе поминуваат на посебни ленти. Тоа ќе значи посебни ленти за граѓаните од трите држави, кои се вклучени во иницијативата, посебни ознаки кои ќе овозможат од поголема одалеченост да знаат каде да се движат возилата и секако преку развој на процедурите да се намали времето на чекањето“, кажа Спасовски.

    На забелешката дека наместо да се намалат, гужвите се зголемени по концептот на „едно застанување на граница” (One Stop Shop), иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан, министерот кажа дека тоа се должи на големата фреквенција на патници и возила во овој период од годината, но и неоходноста на секој граничен премин да се запазат безбедносните процедури.

    „Иницијатата Отворен Балкан не подразбира дека во тие држави рампите се кренати и може да се влегува и да се излегува без да се застане на граничниот премин. Морам да констатирам дека во овие 7 месеци на ниво на државата во споредба со предходната година имаме зголемување за 45 проценти за влез и излез во државата на патници и возила. Што се однесува на граничниот премин Табановце, тоа е за 30 отсто“, додаде Спасовски.

    Тој призна дека инфраструктурата и дигитализацијата на граничните премини се главни пречка за поефикасно функционирање, поради што ќе се отворат две нови ленти на преминот.

    „Веќе работиме на отварање на две нови ленти на граничниот премин Табановце, и тоа веќе се реализира, со цел да имаме побрз и полесен проток, меѓутоа општ заклучок на сите нас е дека сите институции, сите заедно треба да работиме на приближување кон членството на ЕУ и тргањето на границите што е крајната цел што треба да ја постигнеме“, кажа Спасовски.

    На граничниот премин Табановце денеска работна средба имаа министерот Спасовски, претседателот на Стопанскта комора Бранко Азески и директорката на Царинската управа Славица Кутиров, за да ги лоцираат проблемите во функционирањето на новата иницијатива.

    Претставниците од Стопанската комора на министерот и директорката им пренеле дека недоволната инфраструктура, дигитализацијата и поефикасен систем се најголеми забелешки на транспортните компании.

    „Една од забелешките дека една од лентите за Отворен Балкан не функционира, сакам да кажам дека тоа не смее да биде проблем. Значи ние направивме интензивни активности со МВР и со колегите од Србија и веќе овозможивме уште две нови ленти, кои досега беа на излез сега да се применуваат за влез и со тоа двете ленти за товарни возила ќе бидат непречено во функција. Она што произлезе од денешниот состанок за во иднина е да воспоставиме сериозна електронска сигнализација на граничниот премин, со тоа во било кој момент било кога нема да има пополнетост на возила од одреден вид, електорнски да може да се изврши означување и самите возила да се преструктуираат“, кажа директорката Кутиров.

    Во моментот на Табановце функционираат 10 ленти, две за товарни возила, една за автобуси и 7 за патнички возила.

    За вчерашниот 6-часовен застој на терминалот за товарни возила на Табановце, кој настана поради низа технички проблеми, директорката Кутиров тврди дека се работело за дефект на вага кој бил отстранет за час и пол, и дека тоа се нормални работи кои се случуваат на преминот каде што се применуваат современи техники и технологии, а има голем наплив на товарни возила бидејќи е ек на сезоната.

    „Важно е тоа што ние денеска го работиме, а тоа е нови концепти на размена на информации во делот на царинските постапки, кои заедно со нова инфраструктура и сигнализација, и максимална ангажираност на службите ќе донесе само подобрување“, кажа Кутиров.

    Возачите на камиони коишто вчера чекаа да го поминат терминалот и царинската контрола кажуваа дека цело претпладне стојат во место на пеколните температури, затоа што прво снемало струја, потоа паднал системот, а на крај се расипала вагата за мерење. Тоа придонело да се формира километарска колона од камиони.

    И возачите и претставниците на синдикатот, велат дека откако е воведен концептот на „едно застанување на граница” (One Stop Shop), иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан, ништо не е сменето на подобро, бидејќи граничните премини немаат инфраструктура ни капцитет за да се примени она што е предвидено на хартија.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира